Реклама
Македонија

Сиљановска-Давкова ги предложи Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет

Во Собранието се доставени материјалите за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во Собранието се доставени материјалите за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет, како кандидати предложени од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на реформите што ги носи новиот Закон за Судскиот совет.

Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка по граѓанско и семејно право со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитет. Таа е ангажирана како правен експерт во Фудбалската федерација на Македонија, каде два мандата претседавала со Комисијата за жалби, е член на Генералното собрание на СОС Детско село и во јавноста е позната и како поранешен член на Комисијата за помилување.

Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети, со значајна активност и надвор од адвокатурата. Била советничка во поранешното Специјално јавно обвинителство, советничка во Министерството за финансии за меѓународни правнички процеси, а минатата година предавала и во Академијата за судии и јавни обвинители. За медиумите

Реклама

ја потврди информацијата и порача дека номинацијата ѝ претставува „сериозна одговорност“.

Предлозите следуваат по усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет на 29 декември, кој предвидува зголемување на транспарентноста и отчетноста, јавност во постапките, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и зајакнување на дисциплинската одговорност на членовите.

Судскиот совет брои 15 членови, од кои осум ги избираат судиите, тројца Собранието, двајца ги предлага претседателот на државата, а двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, без право на глас.

Претходно, Сиљановска-Давкова најави дека ќе предложи „две жени реформаторки“, професорка и адвокатка со, како што рече, „огромен углед во општеството“. Таа тогаш посочи дека чекала да стапи во сила новиот закон, бидејќи внесува построги услови за избор на членови и јавно ја проблематизираше претходната формулација „истакнат правник“, за која оцени дека го изгубила значењето.