5 нови булевари во Скопје, бесплатен јавен превоз, 250 нови еколошки автобуси, сообраќаен коридор Мавровка. Ова се само дел од ветувањата на Данела Арсовска пред да стане градоначалничка на Скопје. “Градот тоне во нечистотија, загаден воздух, урбанистички хаос, неорганизиран систем за јавен транспорт. На Скопје му недостига систем, на Скопје му недостигаат брзи и ефикасни решенија “ – ова го пишува во нејзината програма за време на кампањата во 2021 година – четири години подоцна, овој опис за главниот град никогаш не бил поточен и пореален.
Скопје не само што не доби бесплатен јавен превоз, изминатите четири години граѓаните беа сведоци на еден куп инциденти – се палеа, остануваа дефект.. Често доцнат, или воопшто ги нема па жителите на градот мака мачат да стигнат од едно на друго место.
„Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме ЦЕЛОСНО БЕСПЛАТЕН квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор“, пишува во програмата за модерно Скопје.

Од ветувањето „бесплатен јавен превоз“, кој во Европа го има само во богатиот Луксембург, Скопје во еден период од мандатот на Арсовска доби со месеци блокирани клучни крстосници од приватните превозници, на кои одбиваше да им плати за нивната работа, а со тоа, компаниите ги доведе пред банкрот. Во борбата за почист воздух требаше да придонесат и петте мега паркови во Скопје налик Градскиот парк.
„На Скопје му се потребни нови зелени површини – бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување. На 5 локации во градот кои веќе се определени, во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, предвидуваме создавање паркови по примерот на Градскиот парк. Парковите ќе бидат лесно достапни, со дрвја и растенија, урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки“, пишува во програмата за модерно Скопје“.
Арсовска најави и чистење на дивите депонии во првите 82 дена од нејзиниот мандат – велејќи дека со решителност, со работа и непоколебливост ќе се избориме за тоа што е неопходно, чист воздух и животна средина – исход – Скопје се претвори во депонија. Преполни контејнери, ѓубре по улици, а вистинска реткост е да се видат цистерните за миење на булевари. Најалармантно е во топлите денови, кога се шири и неподнослива смрдеа, па често пати ваквите места може да бидат и извор на зарази.
Градоначалничката најави отвореност и транспарентност а многу често новинарите ги оставаше без одговори. Сепак денеска конечно добивме одговор од градската прес служба за тоа кои проекти ги реализирала Арсовска.
„Град Скопје во изминатите три години реализираше 900 проекти од кои над 250 инфраструктури. Оние кои не се реализирани од програмата е поради не гласање во советот од страна на советниците од партијата на Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Кисела Вода кој има целосна поддршка од својот совет а има реализирано само 20% од неговата програма“, велат од Град Скопје.
Мандатот на Арсовска ќе биде запаметен по хаосот низ главниот град. Депонии, ѓубре, нечист булевари и кавги со новинарите.
