Шест луѓе одат зад решетки во Шутка, четворица добија куќен притвор, а деветмина поминаа со мерки на претпазливост – ова е епилогот од полициската акција против шверцот на ботокси и филери кои неконтролирано влегувале во Македонија, од Србија, Кореја и Турција.Меѓу притворените има хирурзи и дерматолози од Клиниката за кожни болести и Градската општа болница 8-ми септември како и сопственици на дерматолошки ординации. Според истрагата, разбиена е цела нелегална мрежа каде лекари и приватни фирми на црно внесувале и продавале медицински препарати без дозволи и без декларации.
“Од доставените 11 предлози за определување на мерка притвор, обвинителството, по сослушување на осомничените, за 2 лица го преиначи предлогот во мерка куќен притвор, од кои, судот едниот го прифати, а другиот го одби и определи мерки на претпазливост. Од останатите 9 предлози за притвор, судот уважи 6, а одби 3 и на овие 3 осомничени им определи мерка куќен притвор” – велат од Кривичен суд.
Се уште не е позната бројката на луѓе кои биле боцкани со овие шверцувани ботокси и филери.Здравствените власти предупредуваат – секој што правел таков естетски зафат, без разлика каде го направил треба внимателно да го следи своето тело.

“Пациентите внимателно да ги следат симптомите и доколку почувствуваат или забележат каква било промена што не одговара на нормалниот тек по апликација на невротоксин или филер, веднаш да се јават кај својот лекар” – велат од Министерството за здравство.
Акцијата за “сива естетика” e повеќемесечна темелна истрага за сузбивање на илегален увоз на медицински средства за што сите инволвирани иако знаеле дека не е согласно законските прописи, сепак вршеле естетски интервенции доведувајќи го во опасност здравјето на пациентите.
Освен имињата на одредени јавни здравствени институции, јавноста очекува надлежните да се објават имињата и на приватните ординации каде се се практивувале овие естетски интервенции.
