Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Иван Хаџиниколов“ со сите нејзини краци, како и на улицата „Герника“ во населбата Драчево.
Проектот опфаќа целосна санација и асфалтирање на вкупно 1,9 километри сообраќајна мрежа, со што се решаваат долгогодишните потреби на жителите од овој дел на општината и се обезбедува побезбеден сообраќај за сите учесници, пишува во денешното соопштение на локалната самоуправа.
Се додава дека инвестицијата се реализира во рамките на проектите фаза два од унгарскиот кредит, преку Владата на нашата држава и договорот склучен со Министерството за транспорт, што претставува, како што се истакнува – значаен чекор во инфраструктурниот развој на општината.
– Овој зафат е најдобар показател за придобивките што ги добиваат граѓаните кога институциите работат во вистинска синергија. Преку заедничката координација и одличната соработка, успеваме да реализираме важни проекти, што директно го подобруваат секојдневието на нашите сограѓани. Продолжуваме посветено да работиме, затоа што нашите жители заслужуваат модерна инфраструктура и безбедни услови за живот – истакнала градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

