Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее да се заборави. Македонија денес одбележа 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер и иделог.
Во црквата „Свети Спас“, на неговото вечно почивалиште се поклонија и положија свежо цвеќе, голем број делегации и граѓани. На чествувањето се појави целиот државен врв, предводен од премиерот Мицкоски.
„Цениме дека македонската влада има традиција и во иднина да го чествува овој ден, бидејќи ова е наш македонски великан, кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее да биде заборавено“, рече Христијан Мицкоски, премиерот на Македонија.

На гробот на големиот великан се поклони и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која попладнево го посети и Универзитетот кој го носи името на големиот револуционер. Таму положи свежо цвеќе на споменикот.
Во црквата „Св. Спас“ се појави и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој порача дека во борбата на Делчев се вградени сите социјалдемократски вредности и дека тој се борел за една цел, а тоа е слободна и демократска Македонија.
„Неговите мудри мисли се актуелни и релеавнтни и денес. Тој тргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка национална или политичка припадност. Поради тоа што имале една цел, а тоа е слободна држава“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Гоце Делчев со своето дело, борба и живот покажал како треба и што треба да се направи за својата држава и народ. Се оддал на револуционерната дејност, кога било најтешко, секојдневно организирајќи го Македонецот во борбата за слободна Македонија.
Во 1903 година бил убиен од турската војска во селото Баница на пат кон Сер. Во договор меѓу македонската и бугарската власт во 1946 година, моштите на великанот тргнале на патешествие од Софија кон Скопје. На 10 октомври пред 78 години, во црквата „Св. Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, биле положени моштите на најистакнатиот македонски револуционер.
Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбира светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.
Саркофагот со неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
