Претходното раководство на Фондот за здравство плаќало милионски суми за пациети во странство, а не знае дали се успешно лекувани. Слаби контролни системи, немање ИТ стратегија, недостиг на кадар и застарена серверска инфраструктура,финансиски и правни неизвесности – неплатени придонеси, нерешени имотно-правни односи, застарени цени на здравствени услуги и нерегулирани судски постапки во земјата и странство – ова се главните системски слабости во ФЗОМ кои се нотирани од страна на Државниот завод за ревизија. Извештајот е за работата во 2023 година.
“За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат околу 4,8 милиони евра не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите”, се посочува во извештајот на ДЗР.
Ревизорите посочуваат дека системот за е-рецепти сè уште не е воспоставен, а постојните контроли за рецепти не се доволни.

“Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки. Новите вградени системски контроли во ИТ системот на Фондот за фактурираните рецепти од аптеките и постојниот мануелен начин на контрола на рецептите од аптеките не се целосни и доволно ефикасни, а системот е-Рецепт сѐ уште не е воспоставен” пишува во извештајот на ДЗР.
ИТ секторот на ФЗО е приказна за себе. Ревизија нотира за недостиг на елекстронска сттратегија, недостиг на кадар и застарена серверска инфраструктура, што придонело за сајбер напад во февруари 2023 година.
Од ДЗР алармираат дека Фондот во рамки на утврдениот буџет, наместо да ги надоместува извршените здравствени услуги е принуден да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што 77 jавни здравствени институции имаат статус на неодржливи, поради реализиран значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок.
И покрај досегашните обиди за подобрување, Фондот, според ревизорите, сè уште се соочува со сериозни структурни предизвици. Најавената ИТ ревизија за 2025 година треба да покаже дали институцијата ќе доживее суштинска трансформација или ќе продолжи да работи под зголемени ризици кои можат да ја загрозат здравствената заштита на осигурениците.
