Преспанското езеро буквално го снемува. Дека нашето второ по големина природно езеро има најнизок водостој во последниот век и забрзано исчезнува говори податокот дека во однос на истиов период лани,нивото е пониско за цели 39 см, а од 258-те квадратни километри вкупна површина, за една година неповратно се изгубени околу 100 милиони кубни метри вода.Природонаучниците од Хидробиолошкиот завод го вклучија алармот ,покрај климатските промени и неповолната хидролошка состојба, причина за ваквата апокалиптична состојба на Преспанско,е човекот.Во услови кога пресушуваат дел од реките кои го полнат езерото,водата неконтролирано се користи за наводнување.
„Во лето Источка река пресушува, нешто повеќе вода има Брајчинска река и таа е со нешто подобар квалитет.Крајнска река е исто така загадена, а најзагадена е Голема река која што во лето за жал има чисто комунална отпадна вода. Претежно доминираат индикатори за фекално загадување, ешерихија коли индикатор за свежо фекално загадување што покажува дека постојано во реката се испуштаат непречистени комунални отпадни води. И населбите исто така се големи загадувачи,имаат несодветни септички јами,во сливот на реките има селски населби кои што воопшто не се приклучени, нема колектор“, вели Ленче Локоска од Хидробиолошки завод.
„И на самите мештаните им се укажува на рационално искористување на водата од Преспанскиот регион, односно водата од езерото преку тие бунари кои што се, да се сведе на минимум затоа што основата причина за губењето на водата, за варирањето на нивото на водата во Преспанско претставува и неконтролираното црпење за наводнување, но не само од македонска страна. Не се знае точниот број на бунари од сите три земји кои што се користат за наводнување”-вели Елизабета Сарафилоска од Хидробиолошки завод

Повлекувањето на водата долж брегот е од неколку стотици метри па се до 3 километри, во зависност од конфигурацијата . За илустрација,максималната длабочина кај месноста Казан е околу 30 метри, а кај Стење до загрижувачки 13 метри. Има места каде што не можеме да земеме примерок на вода за испитување од крајбежниот појас кој се протега од Долно Дупени до Претор -загрижени се природонаучниците.
“Има тиња каде што нашите технички рабоници, а и ние со нив не можеме да влеземе да земеме проба, затоа што доаѓа до тонење како во жив песок”
“Има делови каде што се повлекува водата, тоа е обрастено со трева тоа веќе настанале ливади”-вели Локоска
Еспертите сугерираат да се испита состојбата и капацитетот на површинските дотеци кои се влеваат во езерото, да се отстрани целиот механички нанос и биолошки отпад од крајбрежјето и властите од сите три држави под итно да седнат на иста маса и да најдат спас за Преспанско.
Росица Голабоска
