Дали идентитетот, јазикот и културата конечно ќе бидат тргнати од масата за преговори?
Предлогот на претседателката Сиљановска-Давкова за нов, трет протокол со Бугарија – во кој овие прашања би биле јасно исклучени како услов за напредок кон Унијата– отвора нова епизода во долготрајната дипломатска сага. Од Владата велат – ставовите на претседателката се во рамки на нејзините надлежности, а позицијата на Владата останува непроменета. Изјавата на Сиљановска не сакаат да ја толкуваат ниту да навлегуваат во интерпретации и потенцираат дека ставот на извршната власт е кристално јасен и многупати повторен.
Ценам дека ставовите на претседателката се нејзини ставови кои се во надлежност во рамки на она што таа го има како уставни надлежности, така што не би одела на натсинхронизација на нејзините изјави како Влада ставот на овие прашања многу пати со сега сме го потврдиле. – кажа портпаролот на Влада, Марија Митева.

Од СДСМ, пак, обвинуваат дека се користат нови теми за одложување на реформите и дека Владата не го движи процесот напред.
„Граѓаните чекаат Владата да направи исчекор кон европскиот пат на земјата и да испорача реформи. Сметаме дека ова е само уште еден измислен изговор да не продолжат реформите и да не продолжи европскиот пат на земјата.“ – рече Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ
И додека Брисел испраќа пораки какви што неколку пати низ годините сме ги слушнале – дека моментот за уставни измени е сега, Македонија и понатаму чека гаранции дека овој пат нема да има нови условувања.
Премиерот Мицкоски останува на ставот – нема уставни измени без конкретен документ од ЕУ.
Бара, како што вели, заклучок со кој јасно ќе се гарантира дека нема да има нови вета поради билатерални прашања, особено поврзани со идентитетот и правата на македонската заедница во соседна Бугарија.
Мицкоски потсетува дека македонскиот народ веќе поднел сериозни жртви во процесот на европска интеграција – менувајќи устав, знаме и име на државата. Сега, според него, е време ЕУ да испорача.
Во спротивно, вели, ќе биде јасно дека некој има скриени намери, и оти довербата во процесот ќе биде доведена во прашање. Македонија, подвлекува тој, заслужува фер третман по се што досега направила на патот кон членство во Унијата.
