Откако директорката ги пријави во полиција, по што беа повикани на информативни разговори, родителите на учениците од училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка, почнуваат правна битка. Ништо не може да ги спречи во како што велат, намерата да го спречат незаконското работење на директорката Елена николова. Ситуацијата во школото излегува од контрола со скандалозниот оглас за нови шест работни места, меѓу нив се бара и наставник по албански јазик, а згора на се – сето тоа било незаконски. Ова го утврдила и трудова инспекција. Ама скандалот не завршува тука. Имено, во петокот е распишан нов оглас за седум работни места, кој трае само пола ден, а сабота и недела не се работни денови.
“Продожуваме правно, утре имаме средба со нашиот адвокат ќе ги оспоруваме и овие огласи, затоа што се повторно незаконски објавени. Незаконски не е само огласот за наставникот по албански јазик, тука незаконски се и останатите пет огласи. Станува збор за готвач,за хигиеничар во производствени простории,конкретно тие два огласи се бараа за во интернатот кој што веќе затворен.Сите кои се објавени и се реобјавени во петокот се незаконски.Ќе ги оспоруваме овие oгласи ќе има пријави до трудов инспекторат” – вели за Алфа, Цвета Пешовска од Совет на родители.
За каков вид на вработувања станува збор и кои се причините за поништените огласи Николова не одговори на нашите прашања.

Правната битка родителите паралелно ќе си ја тераат со протестите и бојкотот на наставата од кои не се откажуваат. Се додека директорката не биде сменета. Му порачаа на министерот Шаќири дека не го прифаќаат неговиот предлог, да има онлајн настава за училиштето, после зимскиот распуст.
“Истото темпо и понатаму, пред училиште ќе се протестира до каде ќе стигнеме ќе видиме се надеваме дека ќе успееме. Министерот ни предложи после распустот ќе се потрудел наставата да се одржувала онлајн, а тоа нас ни покажува дека нема намера проблемот да го реши” – вели Пешовска.
Во ова основно училиште веќе петта недела родителите протестираат поради неоснованото отворање на нова албанска паралелка, според нив, отворена насилно и на незаконски начин.
Ања Лукарова
