Реклама
Македонија

Полициската кучка Атина се грижи за безбедноста, нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи

Атина е високоинтелигентна, со силен инстинкт, извонредна концентрација и физичка издржливост. Таа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Атина е високоинтелигентна, со силен инстинкт, извонредна концентрација и физичка издржливост. Таа се грижи за безбедноста, а нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи. Гордо го носи елечето на кое пишува „полиција“. Атина е прекрасна, мила, насмеана и позитивна. Нејзината кроткост ги освојува симпатиите на сите што ќе ја запознаат.

Ја забележавме кон крајот на јуни, на настанот по повод пуштањето во употреба на делницата од патот Градско – Прилеп. Остави силен впечаток, па токму за новогодишните празници решивме да дознаеме нешто повеќе за неа и да ја претставиме пред јавноста оваа посебна, ненаметлива душа.

Атина се грижи за безбедноста, нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи

Реклама

Службената кучка Атина е од расата белгиски овчар – малиноа, која важи за една од најчесто користените раси за службени цели во безбедносните структури ширум светот. Белгискиот овчар се одликува со високо ниво на интелигенција, изразен работен инстинкт, одлична концентрација и физичка издржливост. Иако расата има вродени предиспозиции, успешната индикација на експлозиви е резултат на систематска, долготрајна и стручна обука.

Атина е дел од Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи и е наменета за пронаоѓање и индикација на експлозивни средства и направи.

Таа веќе две и пол години е активен дел од Единицата.

Атина се грижи за безбедноста, нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи

Обуката започнала со рана социјализација, по што следувале основна и специјализирана обука за индикација на експлозиви. По успешното завршување на обуката било спроведено тестирање, а Атина официјално била ангажирана како службено куче, со дополнителен период на адаптација со својот водич.

Работата на службените кучиња за индикација на експлозиви носи одредени ризици, но обуката е насочена кон индикација без директен контакт со експлозивните средства. Кучето го сигнализира местото, по што понатамошните активности ги преземаат специјализирани служби.

Атина се грижи за безбедноста, нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи

Атина се храни со сертифицирана сува храна што ги содржи сите потребни нутритивни вредности. За нејзината здравствена состојба се грижи ветеринарен доктор во рамките на Единицата за службени кучиња, кој спроведува редовни прегледи и вакцинација.

Во периодите кога не е работно ангажирана, водичот спроведува активности за одржување на нејзината физичка кондиција и психичка стабилност, преку игра, вежби и континуирана обука, со цел да се зачува високото ниво на подготвеност.

Преку објективот беше овековечено другарството меѓу човекот и кучето – меѓусебно разбирање преку поглед, па дури и преку најмало движење. Со очи што се смеат, Атина покажа колку е отворена за нови пријателства, како да позира пред камерата.

Атина се грижи за безбедноста, нејзина специјалност е заштита од експлозивни средства и направи

На крајот од јуни, на жешкиот асфалт, Атина беше вистинско освежување на почетокот од летото. Денес, во зимските денови, сеќавањето на нејзиниот срдечен поглед носи некоја тивка, магична топлина. Ѝ посакуваме долг и среќен живот, многу успех во работата и уште многу заеднички средби – дури и ако се случајни, како првата.