Во општина Аеродром денеска почна спроведувањето на обуката од мерката „Поддршка за самовработување – претприемаштво“, која Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемаштво – ИНОВА ја спроведува во соработка со Агенцијата за вработување.
На почетокот од обуката свои обраќања пред учесниците имаа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, директорката на Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемаштво – ИНОВА, Даниела Димовска, заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.

Тие заеднички констатираа дека спроведувањето на оваа мерка е од огромно значење бидејќи вложувањето во знаењето, вештините и претприемачкиот дух значи вложување во луѓето, новите работни места и во развојот на локалната економија.
– Општина Аеродром е препознатлива по големиот број мали и средни претпријатија, кои секојдневно создаваат нови можности, вработуваат, соработуваат и придонесуваат за развој на општината. Тие се важен дел од Аеродром и вистински амбасадори на локалниот потенцијал – беше истакнато на обуката.
Градоначалникот Митески истакна дека обврска на локалната самоуправа е да создава средина во која добрите идеи ќе добијат шанса, а оние што сакаат да почнат сопствен бизнис ќе имаат знаење, поддршка и можност да го направат својот прв, но сигурен чекор.

Со вакви партнерства се создава вистинска поддршка за луѓето што имаат идеи, амбиција и желба да создаваат нови вредности и да придонесуваат за развојот на заедницата. Исто така, од Општината посочија дека Аеродром ќе продолжи да биде отворен партнер за сите што сакаат да создаваат, да работат, да вработуваат и да придонесуваат за уште посилен и поразвиен Аеродром.

