Реклама

Насилството не е болест, неговите корени лежат во семејството и во воспитниот систем уште од најраната возраст

Односот на Бугарија за Ива Михаилова ќе стане меѓународна тема: Македонија има механизми да ги врати и нејзе и нејзиниот татко

Инвестиции во образованието и наставниот кадар

Мицкоски: Се бориме цената на струјата да остане иста

Стотици прекршоци „уловија“ камерите на „Безбеден град“ во охридско-струшкиот регион за само два дена

Царинската управа со искуства од Хрватска развива нова Царинска регулатива со цел уште едно ниво поблиску до заедничкиот пазар на ЕУ

Жестока националистичка реторика и говор на омраза кон Македонија по потерницата за Михаилова

Ива Михаилова на диво избегала од Македонија: Кога тогаш и таа и нејзиниот татко, осуден криминалец, ќе одговараат во државава

Мицкоски: остануваме на политиката на најниски цени за горивата со цел заштита на стандардите на граѓаните

Мицкоски сака јасен европски пат: Кога сменивме име ни ветија членство во ЕУ, гледаме сега каде сме, 20 години назад

Одбележан денот на МАНУ: Евроинтеграциите и реформите во образованието во фокусот на претседателот Живко Попов

Конференција „Бизнис Арена 2026“, вештачката интелегенција и нејзината примена во компаниите

Македонија

По Скопје и Битола, Торонто е град со најмногу Македонци во светот

Торонто е најмултикултурен и најкосмополитски град во светот, каде живеат и се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Торонто е најмултикултурен и најкосмополитски град во светот, каде живеат и се интегрирани луѓе од сите краеви на светот. Во главниот град на канадската провинција Онтарио бројни се имигрантските заедници, кои непречено ја негуваат традицијата и културата на земјата од каде потекуваат, а најчесто тоа е преку верските објекти. Речиси да нема кварт во која нема верски објекти, како на најголемите религии, така и на некои помали религиски групи.

Според официјалната статистика од 2021 година во Торонто живеат околу 2,7 милиони луѓе, додека во пошироката област на градот живеат над 11,1 милиони луѓе од сите раси и вери. Додека колку Македонци живеат во Торонто и Канада има различни толкувања. Според пописот од 2021 година во Канада живеат 39.440 лица кои изјавиле дека имаат целосно или делумно македонско потекло, додека за Торонто нема официјални податоци. Но, според здруженијата на македонската дијаспора бројот на Македонци е многу поголем, а Торонто е трет по големина град по Скопје и Битола, каде живеат од 70.000 до 150.000 Македонци.

Реалната бројка најверојатно е многу поголема од официјалната, судејќи по бројот на македонски православни цркви во Канада. Македонската православна епархија за Америка и Канада управува со девет парохии и една монашка заедница во Канада. За доселените Македонци, но и за тие што се родени во странство, првата, но и најцврста поврзаност со татковината е црквата. Македонците кои живеат во источниот дел на Торонто најчесто ја посетуваат црквата Свети Димитрија Солунски во градот Маркам, некогашно предградие на Торонто.

Реклама

Прво што се забележав во црквата Свети Димитриј Солунски беа иконите. На секоја икона го пишува името на дарителот и неговото семејство, но наведени се селото или градот од каде се доселени. Неделната литургија почна во 10 часот, на која присуствуваа околу 40 луѓе, речиси сите повозрасни. Свештеникот проповедта ја држеше комбинирано на македонски и на англиски јазик. Дури и литургиската книга е печатена на англиски и македонски јазик.

Службата заврши откако попот прочита кој колку долари дал за здравје и за помен на починатите.

Отец Горан Ристески во Канада живее 22 години, прво бил свештеник без парохија, а од 2015 служи во Свети Димитрија Солунски. Запрашан за спорниот број на Македонци, тој истакна дека „во Канада живеат околу 150.000 до 200.000 Македонци, додека во Торонто и околината живеат околу 70.000 до 80.000 Македонци“.

– Само литургијата ја служиме на македонски и англиски јазик, додека венчавките, крштевките, погребите се само на англиски јазик. Не само поради тоа што присуствуваат и луѓе од други националности, туку и поради тоа што втората или третата генерација Македонци родени во Канада не го зборуваат македонскиот јазик, посочи отец Ристески.

Тој истакна дека црквата ја посетуваат голем број верници, но дека поради летниот период на литургијата имаше помалку луѓе.

– Црквата се обидува, како и низ вековите, да ја зачува верата, традицијата, јазикот, а младите Македонци се заинтересирани за сето тоа, но сè зависи од нивното време и обврски. Се обидуваме се што е во наша моќ да ја зачуваме верата, традицијата и јазикот на македонскиот народ. Црквата организира изучување на македонскиот јазик, го негуваме македонскиот фолклор, организираме и играорни групи, истакна Ристески, при тоа упатувајќи апел до родителите да ги насочуваат децата кон верата и традицијата.

Тој наведе дека покрај црковните обреди, црквата за сите поголеми верски празници организира еднодневни или повеќедневни фестивали на кои се послужуваат македонски јадења, се пеат македонски народни, патриотски, но и новокомпонирани песни, настапуваат играорни групи, главно составени од деца, додека тинејџерите се ангажирани како волонтери.

Отец Ристески посочи и дека од овој месец еднаш неделно во црквата Свети Димитрија Солунски ќе се држат часови за изучување на македонскиот јазик. Курсот првенствено е за децата на нашите иселеници, но добредојдени се и повозрасните лица, кои не го говорат македонскиот јазик.

Тој изрази задоволство од заинтересираноста и ангажираноста на македонските бизнисмени во Канада, кои го поддржуваат опстанокот на македонската црква во странство.

Македонците во Канада се доселуваат во повеќе бранови уште од почетокот на 20 век, односно по Илинденското востание. Според Канадската енциклопедија (The Canadian Encyclopedia) „една од најголемите групи небритански доселеници што пристигнале во Канада биле селани од балканските планини, тогаш дел од Турската империја. Овие рани жители (и нивните потомци) себеси се нарекуваат Македонци. Тие зборуваат македонски, словенски јазик, и имаат свои социјални и економски институции, вклучувајќи цркви, братски организации и организации за самопомош, како и претпријатија базирани на заедницата, главно во метрополата Торонто и јужниот регион на Онтарио“.

Според официјалните податоци во 1910 година во Торонто околу 1.090 луѓе се изјасниле како Македонци од регионот на Костур и на Лерин, егејска Македонија. До 1940 година имало над 1.200 македонски семејства. Најголем број Македонци имигрираат во Канада по Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција (1947-49). Следниот иселенички бран се случува во 60-тите години од минатиот век и продолжува и денес. На пописот од 2006 година, како Македонци се изјасниле 37.055 луѓе, за по 15 години нивниот број да се зголеми за 2.385.

Без оглед на бројките, Македонците во Канада го негуваат својот идентитет преку верата, културата и активното учество во канадското општество.