По четири дена топло ладно, Софија официјално прифати да разговара со Скопје. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски утре во бугарската престолнина ќе седне на маса со својата колешка Велислава Петрова Чамова. Премиерот Христијан Мицкоски, смета дека само со разговори можеме да дојдеме до стратешката цел што побрзо членство во Европската Унија, кое што одамна сме го заслужиле.
-Пораките наши се јасни дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во која што во моментов се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побрзо да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме, изјави Мицкоски.
Очекувањата од сребата не се големи, но според упатените добро е што постојат знаци дека процесот се помрднува од мртва точка.
-Добро е што средбата се случува, особено по импулсот што го даде и претседателката Фон Дер Лајен за истата. Мислам дека очекувањата не треба да бидат високи, не очекувам некакви суштински пресврти да се случат, меѓутоа да се постави разговорот или сцената на ниво кое што не подразбира взаемни префлања, можеби некогаш надмен однос или условувања и слично, изјави за Алфа, Марко Трошановски претседател на Институт за демократија „Социетас Цивилис“.
За Трошановски многу важна е цврстата позиција на македонската страна и потенцира дека не трба да се повторува она што го гледавме претхдно, односно потчинетоста на претходната влада.
-Не е прва средба секако од овој тип и до сега не се покажа флексибилност од едната страна, да се случи нешто. Се надевам дека покрај добронамерниот совет кој како што кажа премиерот го дала претседателката Фон Дер Лајен, постои и посилно укажување за важноста Македонија побрзо да се приклучи на возот на земји кандидати, изјави Трошановски.
Оваа средба меѓу Муцунски и Петрова чамова доаѓа по иницијативата на шефицата на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен која ја соопшти за време на нејзината посета на Скопје. Средбата во Софија ќе се одржи на маргините на Министерскиот состанок посветен на Коридот 8.
Матеја Петровски

