Реклама
Македонија

Пирц-Мусар: Македонија, поради една земја членка, не може да отвори ниту едно поглавје, тоа не е коректно и фер

Словенечката претседателката Наташа Пирц-Мусар, денеска, по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Словенечката претседателката Наташа Пирц-Мусар, денеска, по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, порача дека Словенија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Македонија, како и дека ќе продолжи активно да се залага за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

На заедничка прес-конференција Пирц-Мусар одговори на новинарско прашање поврзано со иницијативата во Европската Унија – некои од одлуките да се носат со квалификувано мнозинство наместо со консензус. Таа објасни дека Словенија е иницијатор и дел од група од 15 земји членки што предлагаат отворањето одделни преговарачки поглавја за земјите кандидати да се одвива со квалификувано мнозинство, а конечната одлука за прием во Европската Унија и понатаму би останала предмет на консензус меѓу земјите членки.

Посочи дека повеќепати кажала, и тоа ќе го повтори и денес, дека на државите аспиранти им наложуваат огромна работа за да се приспособат на правото на Европската Унија.

Реклама

– На државите кандидатки им наметнуваме огромен товар за усогласување со европското законодавство. Кога Словенија влезе во Европската Унија во 2004 година, требаше да усогласиме речиси 80.000 страници од европското законодавство, а денес земјите кандидати мора да усогласат приближно 95.000 страници. Истовремено, премалку се прашуваме што може да направи Европската Унија за процесот да биде побрз и поефикасен – истакна Пирц Мусар.

Според неа, сегашниот модел овозможува билатерални прашања и политички блокади да го попречуваат процесот на проширување.

– Денес, Македонија е во ситуација, поради една земја членка, да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа, едноставно, не е коректно и не е фер кон држава што сака да стане дел од Европската Унија – нагласи словенечката претседателка. 

Таа додаде дека Словенија и натаму ќе дејствува во рамките на групата земји што се залагаат за квалификувано мнозинство при отворањето на поглавјата и изрази надеж дека Европската Унија ќе ја препознае потребата од поефикасен процес на проширување.

Пирц-Мусар оцени дека европската интеграција на Западен Балкан е клучна за мирот и стабилноста во регионот, но и за стабилноста на самата Европска Унија.

– Европската Унија, пред сѐ, е мировен проект. Новите членки носат стабилност и мир во регионот. За Западен Балкан, членството во Европската Унија мора да биде единствениот вистински пат кон стабилност – рече таа.

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова во својот одговор посочи дека на Балканот веќе постојат примери на регионална поддршка каква што постои меѓу скандинавските земји. Таа потсети на поддршката што Шведска, Финска и Норвешка им ја давале на балтичките држави во процесот на евроинтеграцијата и оцени дека сличен пример на Балканот е токму Словенија.

– Ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот и да го поддржиме, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека тоа е логично и природно – истакна Силјановска-Давкова.

Таа ја поздрави словенечката поддршка за македонските евроинтеграции и оцени дека регионалната солидарност е неопходна за побрз напредок на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.