Пензискиот систем во земјава е стабилен и сигурен, а пензионерите немаат никаков простор за грижа. Старосната граница засега нема да се зголемува, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Потенцира дека сите предлози и забелешки за реформи ги земаат предвид, но оти тие како Влада ја донесуваат крајната одлука.
Финансиската стабилност, додаде, не се овозможува со кратење на правата на граѓаните, туку со лоцирање на средствата таму каде што се злоупотребуваат и нивна пренамена за реални потреби.
Како пример ја посочи тековната реформа во секторот за социјална заштита, каде се детектирани сериозни аномалии.
– Имаме фантомски корисници или корисници кои според сите параметри не треба да бидат корисници на гарантирана минимална помош или социјална сигурност. Тоа не се малку пари, доколку ги анализирате на годишно ниво ќе дојдете до бројка помеѓу една милијарда и милијарда и пол денари – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за потребите од реформa на пензискиот систем.
Исто така, како пример го посочи и АД ЕСМ, каде, како што рече, исто така може да се види успешноста на владините реформи во повеќе сектори каде што во моментов течат детални проверки. Според него, компанијата која претходно бележела загуба од 180 милиони евра, во првите три квартали од оваа година веќе работи со позитивен биланс и има профит од околу 6,5 милиони евра.
Осврнувајќи се на критиките од Фискалниот совет дека линеарното зголемување на пензиите продуцирало дополнителен дефицит во ПИОМ, премиерот нагласи дека секоја политичка одлука има свои позитивни и негативни страни, но во овој случај придобивките се далеку поголеми.
– Одговорноста за водењето на Владата и политиките ја има Владата. Ние сме процениле дека политиката којашто значеше зголемување на пензиите линеарно, од една страна значеше дополнителен товар на буџетот, но од друга страна значеше намалување на стапката на сиромаштија во државата, по која бевме лидери во регионот. Сега тоа е променето. Оваа Влада ги зголеми пензиите просечно повеќе од било која друга влада во историјата на независна Македонија – истакна премиерот Мицкоски.
Тој имаше забелешка дека при креирањето на вториот задолжителен пензиски столб во минатото не се водело сметка за долгорочните резултати по 10 или 15 години, со кои државата се соочува денес, но, потенцираше дека и покрај тие предизвици, системот е ликвиден.
Според него, во моментов во земјава има околу 709 илјади вработени и оти за оптимален економски развој се потребни околу 800 илјади.
-Затоа го сменивме Законот за работни односи и овозможивме секој кој се чувствува работно способен да може својот работен век да го продолжи до своите 67, 68, дури во одредени области и до 70 години. Нормално, ако се обновува договорот со работодавачот секоја година, рече Мицкоски.
Трендот со недостиг на работна сила, според него, е тренд секаде во Европа и светот.
– Ниската стапка на фертилитет, помалата активност во делот на семејствата… Јас за тоа зборував многу пати во минатото. Нормално, бев критикуван понекогаш зошто сум бил толку агресивен, но, тоа што го зборував пред година и пол или пред две години ние ќе го почувствуваме поалармантно за дваесетина години отсега. Сега сè уште имаме одреден резервоар којшто е од минатото. Но, по 15-20 години од сега, тогаш ќе бидат алармантни состојбите. Во моментот на пазарот на труд имаме 709 илјади регистрирани вработени. Ние не смееме да бидеме под бројка од 800 илјади ако сакаме да имаме добар економски раст, односно позитивен економски раст од пет или повеќе од пет проценти. Значи, ние во моментот треба да најдеме нови 90.000 вработени коишто ќе создаваат доход за работодавачите. Ние мораме тоа да го направиме. Се плашам дека бројката на вработени, според проекциите за 15-20 години од денеска, може да падне под 500.000. Тогаш ќе настанат вистинските проблеми и за пензискиот систем, и за здравствениот, и за државата и целокупно за економијата – нагласи премиерот.
Затоа, вели, кога зборува за просемејни политики тогаш треба да биде сериозно сфатен, бидејќи, како што вели, тоа е начинот и правецот по кој треба да се движиме.
– Во спротивно ќе треба да се увезува работна сила којашто со себе носи други предизвици. Еве, можеме да видиме денеска што се случува во високоразвиените земји кога ќе имаме неконтролирано увезување на работна сила којашто носи со себе предизвици, различен менталитет, различна култура… – рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски денеска присуствуваше на презентацијата на новиот извештај на СБ за Македонија.

