Изгубени нерви, доверба, но и многу пари. На највозрасната популација во Македонија ѝ прекипе од работата на претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова. Таа веќе осум години седи во претседателската фотелја, но освен за себе, не прави ништо за пензионерите, обвинуваат загрижени пензионери. Загрижени за своите интереси, но и за тоа како и за што се трошат средствата што тие ги уплаќаат во Сојузот, бараат отчет, но и нејзина смена. Кога и да тропнале на нејзината врата за да се пожалат, таа била затворена. Трпението сега им е при крај.
„Не само што дојдов и изгубив време, платив превоз и направив трошоци, туку и не ја завршив работата.“ „Нашите средства се тука, заклучени се. Како можеме да функционираме?“, изјави Момчило Петровиќ – Сојуз на пензионери Кисела Вода.
Нервозата дополнително зоврива и поради начинот на кој Трајкова ги одржувала седниците и ја обезбедувала поддршката за своето раководење. Петровиќ тврди дека претседателката ги менувала термините на седниците, а за нив не ги известувала сите делегати, туку само оние од кои ја очекувала поддршката. Според неговите тврдења, на тој начин се обидувала да го задржи мнозинството и да ги спречи барањата за нејзина смена.
„Таа се грижи само таму каде што има дневници.“ „Таа закажа седница на Собранието за 5 ноември, а преку ноќ ја презакажа за 3 ноември. Но, за седницата на 3 ноември ги извести само нејзините, не сите делегати на Собранието.“ „Треба две третини за да може да се одржи Собранието, а имало 27 делегати. Но, за да има повеќе луѓе внатре, го дополнила присуството со членови на комисии.“ „Зошто го направила? Затоа што сакала да ѝ дадат поддршка. Ако дојдеа сите, ќе ја сменеа, ќе побараа смена на претседателката. Народот е незадоволен. Само тоа се зборува по здруженијата“, изјави Момчило Петровиќ – Сојуз на пензионери Кисела Вода.
Алфа се обиде да стапи во контакт со Трајкова за да ја слушнеме и нејзината страна на приказната. На нашите пораки најпрво ни одговори дека не била дел од Сојузот, за потоа да не одговара на телефонските повици. Сепак, на официјалната интернет-страница на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, таа и натаму фигурира како претседателка.
И покрај обидите да добиеме одговори од претседателката Трајкова за незадоволството кај дел од пензионерите за нејзината работа во Сојузот, сепак таа не одговори на нашите повици.
Трајкова е веќе два мандата на чело на Сојузот. Првпат таа беше избрана во 2019 година, а реизбрана во 2023-та. За каква функција станува збор доволно отсликува податокот за буџетот во кој секој од безмалку 360 илјади пензионери во државата месечно одвојува по два и пол денари. Навидум можеби малку, ама кога овие средства ќе се соберат, станува збор за 875 илјади денари месечно, односно 10,5 милиони денари годишно. Пари за кои пензионерите велат дека не се знае во чии џебови завршуваат.

