Реклама
Македонија

Парното поскапе за 5 проценти

Низ радијаторите во Скопје, од утре ќе тече поскапа топла вода. Парното…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Низ радијаторите во Скопје, од утре ќе тече поскапа топла вода. Парното поскапува за 5 проценти. Регулаторната комисија делумно ги прифати барањата за поскапо парно, и според нејзините пресметки,  домаќинство чиј месечен трошок за парно греење досега бил 2100 денари, од 1 февруари, ќе издвојува околу  2200 денари за загревање, односно околу 100 денари повеќе. Регулаторот, одлуката за поскапувањето ја оправда со, како што рече, повисоките цени на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО кое наместо со 60 отсто учествувало, со 51 процент во производството на топлинска енергија.

„Оваа одлука е донесена пред сè поради тоа што цените на природниот гас на европските берзи во последниот квартал од 2024 растат и за жал, и во јануари и во февруари имаме ист таков тренд. Лани кога знаевме дека цената на гасот ќе паѓа направивме намалување на цената за топлинска енергија на останатите потрошувачи за 35 проценти, исто така, и во текот на летото кога ги тргнавме субвенциите цената ја намаливме за 3 проценти“, изјави Бислимоски.

Бислимовски најави дека во текот на февруари ќе се носи одлука и за потрошувачите во Железара и Автокоманда бидејќи, како што рече, зголемување на цената на парното во тој дел од градот ќе поднесе и топлификација Скопје Север. Одлуката за овие потрошувачи ќе стапи во сила од 1 март.

Реклама

До поскапувањето на парното во Скопје, дојде откако ЕСМ Дистрибуција пријавил дека трошоците им се зголемиле за речиси 13 отсто, додека пак,  ЕСМ Производство излезе со информација за дури 20 отсто зголемени трошоци за набавка на гас.  Во Скопје на системот за парно греење се приклучени 63.000 домаќинства.