Панел дискусија на тема „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност“ ќе се одржи денеска во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и фондацијата Конрад Аденауер.
Со поздравни обраќања настанот ќе го отворат Даниел Браун, официјален претставник на фондацијата Конрад Аденауер и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје.
Централниот дел од настанот е посветен на дискусија што ќе обедини високи претставници од Владата, дипломатскиот кор и академската заедница. Организаторите најавуваат дека свои обраќања на панелот ќе имаат Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт, германската амбасадорка Петра Дрекслер, евроамбасадорот Михалис Рокас, Флориан К. Фајерабенд, заменик-раководител на одделот Европа/Северна Америка при фондацијата Конрад Аденауер и проф. д-р Иван Дамјановски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
-Во време на значајни геополитички предизвици и трансформации на европската безбедносна архитектура, дискусијата ќе понуди можност за размена на ставови за улогата на стратешката поврзаност меѓу Европската Унија и Македонија во унапредувањето на стабилноста, отпорноста и развојот на државата и регионот. Посебно внимание ќе биде посветено на политичките, економските и инфраструктурните аспекти на европската интеграција како и на нивното значење во контекст на актуелните меѓународни случувања – велат организаторите.

