Општина Ѓорче Петров инвестира во нова фотоволтаична централа со моќност од 80 kW, со батериски систем за складирање на енергијата, наменета за потребите на општинскиот објект. Со сопственото производство се очекува намалување на трошоците за електрична енергија за најмалку 70 отсто.
Батерискиот систем, како што посочуваат од Општината, ќе овозможи складирање на произведената електрична енергија и нејзино користење во периодите кога производството од сонцето е намалено. На тој начин ќе се зголеми искористувањето на сопствената енергија и ќе се намали зависноста од електричната мрежа.

Проектот предвидува можност за надградба со дополнителни батерии, со цел целосно покривање на потрошувачката и постигнување енергетска независност на општинскиот објект.
Инвестицијата е насочена кон долгорочно намалување на оперативните трошоци и поефикасно управување со јавните средства. Очекуваните заштеди ќе создадат поголем простор за вложување во проекти и услуги од непосредно значење за граѓаните.
Со овој проект, Општина Ѓорче Петров ја потврдува определбата за користење обновливи извори на енергија и со сопствен пример придонесува кон поодржлива и енергетски поефикасна локална заедница.

