По една и пол година расправи, дебати, консултации со универзитетите, професорите и научните институции, пакетот закони за високо образование е практично финализиран и влегува во последната фаза, па наскоро ќе се најде пред пратениците. Академската фела заедно со Министерството се усогласија за квалитетот на крајната верзија на новите закони.
„Долго време високото образование трпи големи штети поради тоа што такво законско решение се донесе во 2018 година. Не чинеше едно, се донесе уште полошо. Затоа постапивме поинаку. Добрата намера беше препознаена и заедно работевме на креирање на нов закон за високо образование кој ќе одговори на реалните предизвици и ќе отвори нови перспективи. За мене особено важно што новото законско решение создава услови младите да останат тука, да го градат својот професионален и животен пат во Македонија.“– вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во трите закони за високо образование се вградени сите издржани мислења и забелешки на академската заедница. Како што посочи министерката, прифатени се многу сугестии кои придонеле до осмислување на најдобрата верзија од законските решенија.

„Тој нуди меритократија преку показатели за истражувачка продуктивност, интернационализации, соработка меѓу универзитетите, мерливост на квалитет, видливост на високообразовните установи и наставниот кадар, погодности за студенти и можности за стекнување на повисоки занаења преку поквалитетни студентски програми, студиски програми со двојни дипломи, повеќе практична настава, модуларност во наставата заради посигурно вработување и академска кариера.“– вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
И претставниците на академската фела се согласни дека овој пакет закони конечно ќе донесе бројни реформи како подобар ранг на универзитетите и поголема меѓународна видлиост.
„Многу значајно за нас, освен објавување на трудови на Web of Science за потребите на хуманистичките науки, се враќа модуларноста што ќе го намали бројот на студиски програми и ќе се намали и финансискиот товар. Од стратешка важност е и соработката со бизнис секторот и практичната настава што ќе им овозможи на студентите во текот на академската година да можат да одат на практична настава во реалниот сектор.“– вели ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова.
Студентите исто така беа вклучени во процесот на изработката на законите со свои сугестии и мерки кои ги засегаат дирекно нив.
„Како клучно барање, Националното студентско тело, коешто треба да биде претставник на сите студенти во државата, не е никаде вклучено во самиот Закон за високо образование. Тоа беше клучно барање на сите универзитетски студентски собранија, тоа се 11 кои се функционални). Имавме неколку состаноци со министерката, ги знаеме предизвиците; беше кажано дека во одредени членови само ќе се напомене Националното студентско тело како тело кое ги претставува студентите на ниво на држава.“– вели студентот Александар Николовски.
Целта на новата законска рамка е повеќе можности за професорите, научниците, истражувачите и студентите, за надоградување на знаењето и напредување во кариерата преку градење на повеќе вештини и научни достигнувања.
