Со широка дебата ќе се лекува една од најголемите рак рани на македонското општество. Пратеници, адвокати, обвинители, сите засегнати и незасегнати ќе учествуваат во финалното креирање на новиот закон за јавно обвинителство. Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, едногласно ја изгласа потребата за јавна расправа, со цел експертите да го кажат своето во однос на овој важен реформски закон.
-Правосудството е рак рана на нашето општество, а особено во делот на Јавното обвинителство, поради начинот на функционирање на Јавното обвинителство многу од предметите кои што треба да добијат судска разврска не можат да стигнат ниту до судовите во Македонија. Затоа сметам дека реформирањето на Јавното обвинителство и тоа како претставува еден сериозен и реформски закон. Продолжуваме и понатаму да имаме јавна расправа, тоа да биде емитувано на собранискиот канал, да бидат повикани сите оние кои што се директно или индиректно засегнати од тоа законско решение, изјави претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов.
Реформското решение ќе оди прекуи редовна постапка. Сите пратенички групи и од власта и од опозицијата се согласни дека јавна дебата е потребна. Очекувањата се законот да овозможи јакнење на Јавното обвинителство, напредок на службата по јасни правила и критериуми, со повосики стандрди за интегритет и етика.

-Сметам дека оваа јавна расправа за законот за јавно обвинителство, може да ни користи да извлечеме некои поенти кои би можеле да го подобрат предложениот текст за закон за јавно обвинителство, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
-Не би требало ни случајно да помине, се согласувам со вас во следната фаза, без да имаме јавна расправа и без да ги чуеме коментарите по законот, изјави пратеничката на НСДП, Соња Мираковска.
-Движење ЗНАМ ќе бара одржување на јавни расправи за цело законодавство за сите закони што се означени со европско знаменце и се дел од нашето приспособување, прилагодување на нашето законодавство кон законодавството на ЕУ, изјави пратеничката на ЗНАМ, Весна Бендевска.
Законот позитивно ги мина филтрите на Вененцијанската комисија. Со новото законско решение се предвидува избор на нов републички обвинител со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет, стои во предлог законот.
Обвинителите ќе мора да одлучуваат за дисциплиска одговорност во прецизни и обврзувачки рокови, што би требало да воспостави појасна одговорност кај обвинителското функционирање.
Матеја Петровски
