Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во рамките на дводневната работна посета во Брисел, на покана на „Пријатели на Европа“ синоќа учествуваше на форум на кој се дебатираше за иднината на Европа и што е она што ја определува иднината на континентот и на Европската Унија.
На форумот учествуваа полиричари од Европа, еврокомесари и други претставници на Европската комисија, европратеници, претставници на бизнис-секторот.
Вицепремиерот Николоски на Фејсбук објави дека ваквите настани се одлична можност за воспоставување соработка со клучни европски политичари и клучни фигури во градењето нови политики. Истовремено е значајна платформа за отворен дијалог, градење партнерства и преточување на заедничките европски приоритети во конкретни политики и активности.
– Разговори за Македонија со врвни луѓе во Брисел. Гласот на Македонија мора да се слушне, вечерва голема чест на иста маса со Енрико Лета – одговорен во ЕУ за Единствениот пазар на Европа и поранешен премиер на Италијa. Покрај Лета на настанот присуствуваше и Карл Билд поранешен премиер на Шведска и претседател на Европскиот совет за надворешни односи, Луиза Ортега претседател на Кока Кола за Европа, Јепе Кофод претседател на бордот на Укренерго, и Валери Хајер пратеник во европскит парламент и лидер на „Renew Europe” во рамки на Европскиот Парламент. Ја искористив можноста за разговори со високите претставници и уште еднаш ги потврдив заложбите за европската иднина и интеграција на Македонија во Европската Унија – напиша Николоски.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, за време на посетата во Брисел, ќе учествува на повеќе официјални средби организирани од Европската комисија на кои ќе се разговара за актуелните економски и политички прашања, реализацијата на инфраструктурните проекти, Планот за раст и процесот на интеграција и проширување на Европската Унија.
Николоски денеска ќе се обрати на Самитот посветен на транспротните коридори, каде со високи преставници на ЕУ и европските финансиски институции ќе се разговара за развојот на коридорите.
– Ќе бидам дел од транспортниот самит каде што заедно со генералниот директор на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, банка којашто инвестира многу во Македонија, од којашто добивме 150 милиони евра грант за изградба на железницата на Коридорот 8 кон Бугарија, ќе зборуваме за големите инфраструктурни проекти коишто ги има Македонија и тоа ќе е вовед во посетата на претседателката на Европската комисија, којашто во петок доаѓа во Скопје. Исто така, на сесија на „Пријатели на Европа“ ќе зборуваме за процесот на проширување во друштво на вицепремиерот на Украина, понатаму вицепремиерот на Молдавија, претставници од регионот, каде разговараме за процесот на проширување и за она што е потребно да се направи за процесот на проширување. Секако тука е многу важно земјите членки на Европската Унија да сфатат дека не смеат да ги блокираат земјите кандидати. Тука се надевам дека ќе има мудрост кај Бугарија и дека Бугарија ќе направи чекор напред и дека ние ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија – вели заменик – претседателот на Владата.
Тој нагласува дека овие се ретки моменти каде што се добива можност директно да се комуницира на формален и на неформален начин со оние коишто ги носат одлуките во Европската Унија.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

