Владата работи на развој на коридорите затоа што тоа дава огромна политичка стабилност и носи голем економски бенефит. Во моментот работиме на пет автопати, многу бргу почнуваме со изградба и на шестиот автопат – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
За инвестициите во инфраструктурата, појасни дека со силна динамика се работи на автопатите Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, како и Прилеп – Битола. За автопатат Охрид – Кичево најави пуштање во употреба нови километри за сообраќај.
– Откако ние сме избрани, првин го пуштивме потегот од Страцин до Крива Паланка, експресен пат, 30 километри. Потоа ги пуштивме делниците од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш, вкупно 26 километри. Тоа се 56 километри, кои се целосно ставени во функција. Пуштивме 34 километри автопат на делницата Охрид – Кичево. Многу бргу ќе пуштиме уште 10, значи тоа се вкупно 44 функционални километри автопат. Очекувам во рамките на зададениот рок сите 57 километри да бидат ставени во функција. Исто така, очекувам в година најмалку 12 километри на потегот Битола – Прилеп да бидат ставени во функција, целосен автопат – истакна Николоски.
Исто така, додаде, пуштивме 34 километри нова пруга на потегот од Куманово до Бељаковце и реконструиравме над 25 километри пруга на потегот Зелениково – Драчево – нова железничка станица за градскиот воз – истакна Николоски.
Тој најави дека се работи на проектирање за изградба на нови експресни патишта.
– Во моментот работиме на проектирање делница, која треба да оди од Кочани преку Виница – Делчево до границата со Бугарија и при крај е тендерската постапка за избор на куќа за проектирање на делницата што треба да оди од Радовиш преку Струмица, Ново Село, граница со Бугарија. Имајќи предвид дека експресниот пат од Страцин до Крива Паланка веќе го ставивме во функција, ја направивме и обиколницата кај Крива Паланка, сега работиме на проширување на граничниот премин, тоа значи дека трите патишта што нè поврзуваат со Бугарија ќе бидат на ниво на автопат или на експресен пат – истакна вицепремиерот Николоски – се наведува во соопштението од Министерство за транспорт.

