Набавката на нови 49 комунални возила за општините ќе помогне за подигнување на нивото на хигиена, што е исклучително значајно за подобрување на квалитетот на живот и урбаното живеење – рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на промоцијата на новите возила во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалници и претставници на Светската банка.
Новите комунални возила ќе бидат вклучени во одржувањето на хигиената во град Скопје и општините Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес.
Како што информира Николоски, со 4,2 милиони евра преку Светската банка набавени се 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет цистерни и 21 мултифункционално возило за чистење на улиците.

Тој сподели дека средствата за набавката на возилата се обезбедени со заштеда на средства преку проектот за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици, што Владата го спроведува со Светската банка веќе неколу години.
– Последните два повика беа исклучително добро направени, но имавме заштеда на средства, во тој момент беа 5,5 милиони евра. Се сретнавме со директорката на Светската банка и со нејзиниот тим – се сеќавате, претходната година, што се случуваше во Скопје со поранешниот градоначалник на градот и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да им се помогне и на Град Скопје и на другите општини.
Идејата дојде дека можеби овие возила што денес се зад нас се реалност, се најдобриот начин да им се помогне на Град Скопје и на другите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда. Проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа набавка е 4,2 милиони евра, што значи дека низ еден транспарентен, отворен процес, успеавме да ја завршиме набавката, но и повторно да заштедиме средства – рече Николоски заблагодарувајќи се на поддршката од Светската банка.
Николоски најави дека со следните проекти што ќе ги реализраат ќе има комунални возила и за другите општини.
Директорка на Светската банка за Македонија и Косово, Керол Межеван, изрази задоволство што Светската банка преку проектот Local road conectivity помогна да се набават овие возила. Видовме, додаде таа, дека ќе бидат многу важни за сите општини во Македонија за да придонесат за подобра околина. Межеван рече дека не станува збор само за возилата, туку за ветувањето за подобар живот на граѓаните во сите општини со почиста, побезбедна околина. Тоа, додаде таа, ќе биде од корист за посетителите што ќе доаѓаат сè повеќе да уживаат во Сверна Македонија.
– Знаеме колку за градовите може да биде предизвикувачко давањето на услугите, а една од услугите е чиста околина – рече Межеван.
