Британија не потпишува договори со кого било за целосна политичка и економска соработка. Вицепремиерот Александар Николоски вели дека ова е прв Договор кој Обединетото Кралство го склучило со кого било во регионот, што покажува дека во Македонија гледа свој најсилен партнер. И покрај сојузништвото во НАТО, според Николоски ова е еден вид на многу поголема соработка. Тој очекува преку стратешкото парнерство да се подобри животот на граѓаните во земјава, а билатералните односи меѓу двете држави да се издигнат на едно ново ниво.
„Сметаме дека сме спремни, многу сме мотивирани. Всушност и брзината со која што дојдовме до овие два договора – Влада со Влада и стратешко партрнерство, а на крајот на денот најдобра потврда за ова што го зборуваме е дека на другата страна имаме ниkој друг туку Велика Британија. Тоа е светска сила број два, нуклеарна сила, земја членка на Советот за безбедност, земја победник во Втората светска војна и единствена кралска империја која што преживеа во светот. Така што не случајно тие потпишуваат со нас договори и не е дека потпишуваат со секого договори. Како што кажав ние сме единствени во целиот регион со кого имаат потпишано договори“ – вели вицепремиерот Николоски.
Проектното финансирање треба Македонија да ја донесе на едно комплетно ново ниво на економски развој – смета Николоски. Договорот со Британија значи дека се ставени на располагање историски најголем обем на средства од 6 милијарди евра за реализација на капитални проекти. Засега Македонија има готови проекти во вредност од 2,2 милијарди евра за брзата пруга долж Коридорот 10, за изградба и реконструкција на болниците во Штип, Кичево и Тетово, како и Медицинскиот факултет и Студентски дом во Штип. Николоски рече дека во текот а летово треба да се заокружи нивното финансирање и да се изберат изведувачи кои ќе треба да ги градат овие инфраструктурни проекти. Неговите очекувања се градежните работи на терен да започнат доцна наесен годинава. Уверува дека условите за позајмување на парите ќе бидат најдобрите што Македонија може да ги добие во моментов на финансиските пазари.

„Тоа е нешто што е проектно финансирање, зависи од зрелоста на проектите, од тоа кога ќе ги реализираме проектите, колкава ќе е висината на финансирањето на проекти. Но она што можам да го кажам е дека ќе бидат најдобри услови кои што Македонија било кога ги добила од било кого, и дека се услови кои што во моментов Македонија не може да ги добие од ниедна друга релевантна западна меѓународна институција затоа што максимум што досега Македонија успеала да обезбеди се 350 милиони евра, а тука веќе зборуваме за проекти коишто надминуваат две милијарди евра иницијално или шест милијарди евра финално“ – вели Николоски.
Друг важен аспект кој Николоски го потенцира е тоа што Договорот Влада со Влада ќе овозможи британски експерти да помогнат во размена на знаења и искуства во делот на јавната администрација и бизнисот, што треба да ги издигнат двата сектори на едно повисоко ниво. Вториот Договор за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, кој што ја опишува целокупната политичка и економска рамка на натамошна соработка на двете земји, се очекува во следниот период да го потпишат двајцата премиери Христијан Мицкоски и Кир Стармер.
