Стихозбирката „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“ од Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на наградата „Антево перо“ за 2026 година, соопшти жири-комисијата на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Одлуката била донесена едногласно од жири-комисијата во состав проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како претседател, и членовите д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева-Златева, по разгледувањето на деветте ракописи што влегоа во потесниот избор од вкупно 115 пристигнати поетски дела.
Во образложението, Комисијата истакнува дека стихозбирката на Андоновска-Трајковска претставува филозофско и поетско истражување на самоспознавањето, изградено врз дуалистички принципи и современи поетски изразни средства. Посебно е нагласена употребата на метафората на Шредингеровата мачка како симбол на човековото постоење меѓу можноста и конечноста, видливото и невидливото, животот и смртта.

Покрај главната награда, жири-комисијата годинава додели и три награди „Антев златник“. Добитници се Ерол Туфан за стихозбирката „Недовршени песни“, Емељ Туна за „Анатомија на бршленот“ и Милош Соколиќ за „Име во идно време“.
Според образложението, делото на Туфан отвора прашања за човековата егзистенција, изборите и копнежот како двигател на животот, додека поезијата на Туна ја истражува поврзаноста меѓу љубовта, загубата и човечката ранливост. Соколиќ, пак, преку симболите на реката, домот и паметењето создава поетска медитација за времето, минливоста и идентитетот.
Комисијата ги соопшти и добитниците на наградата „Антев часовник“, која се доделува за афирмација на млади поетски автори. Годинашни лауреати се Дарија Јовановска за стихозбирката „Протекување“ и Марија Велинова за „Штрингла“.
Во соопштението се наведува дека годинашниот конкурс привлекол рекорден интерес, што, според организаторите, е потврда за континуираниот интерес за современото македонско поетско творештво.

