Изработката на новиот Генерален урбанистички план (ГУП) за Куманово ќе продолжи и во текот на следната година. Изработката на нацрт-планот се очекува во септември 2027 година, соопштија од Секторот за урбанизам. До крајот на годинава предвидено е да биде завршена само документациската основа, додека планската документација ќе се изработува во следната фаза. Советниците ја разгледаа измената на програмата за урбанистичко планирање за 2026 година.

Средствата наменети за изработка и чување на урбанистички планови се намалуваат од 15 милиони 370 илјади денари на 10 милиони 438 илјади 716 денари, односно за 4 милиони 931 илјада 284 денари. Ана Поповска од Секторот за урбанизам рече дека намалувањето се однесува на средствата за сообраќајната студија за потребите на новиот ГУП. Како што потенцираше раководителката на секторот, до крајот на годинава ќе се изработува документациската основа, додека планската документација ќе следува во зависност од договорот со изработувачот. Во документациската основа треба да бидат вградени и конзерваторските основи за заштитеното културно наследство во Куманово, за што се предвидени средства кон Агенцијата за планирање на просторот.

Планската програма за новиот генерален урбанистички план беше одобрена во јануари 2024 година. Со него, покрај централното градско подрачје, треба да бидат опфатени и приградските населби Карпош и Иго Тричковиќ, подрачјето кај железничката станица, како и делови од просторот меѓу Куманово и селата Биљановце и Доброшане, односно населени места кои немаат статус ниту на град ниту на село.
Советникот Томица Илиќ рече дека Куманово веќе подолго време го чека овој важен плански документ, од кој зависат изградбата, реконструкцијата и развојот на градот.

Тој посочи дека граѓаните и инвеститорите се соочуваат со ограничувања во реализацијата на своите планови и дека одложувањето станува сериозен проблем.
Советничката Ивана Ѓорѓиевска се согласи дека ГУП се очекува повеќе години и побара појаснување колку време е потребно за изработка на сообраќајната студија, за да биде појасно кои фази следуваат и кога Советот и граѓаните можат да очекуваат конкретен напредок.

Поповска појасни дека за изработката на сообраќајната студија се предвидени вкупно 12 месеци, од кои четири месеци за документациската основа и осум месеци за планската документација. Бидејќи договорот со изработувачот е склучен во септември 2026 година, во наредниот период треба да се заврши првата фаза, а нацрт-планот се очекува во септември следната година. Таа рече дека за доцнењето придонеле и претходните неуспешни тендерски постапки. На дел од повиците немало пријавени компании, додека други фирми се откажале од изработката на сообраќајната студија.

