Реклама
Економија

На три дискотеки со активна лиценца ќе им се забрани вршење дејност, не ги исполнуваат условите

На 3 дискотеки и кабареа ќе им бидат одземени лиценците за работа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

На 3 дискотеки и кабареа ќе им бидат одземени лиценците за работа – најавија од Владата. Со мито и корупција стигнале до легална лиценца, но на терен немало ништо од напишаното на хартија. Фрапантни податоци по извршените контроли на тимовите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП, Финансиска полиција, Инспекторатот за труд и други инспекции. И покрај тоа што имале легални и активни лиценци, не ги исполнувале минималните технички услови. Контролите покажале сериозни пропусти. Кај 9 други вакви објекти со лиценца контролите се уште траат.

„За останатите девет, ве информирам дека сеуште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации. По однос на ваквата состојба веднаш до министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно законот. На терен во секој момент овие денови се над десет тима кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите до детаљ“ – вели Марија Митева, портпарол на Влада.

И додека ниту дискотеките и кабареата со лиценци не исполнуваат услови за да работат, Владата најавува дека допрва ќе се „чешлаат“ документациите и на оние кои досега функционираа на диво. Граѓаните алармираат на социјалните мрежи дека сопствениците на ваквите дискотеки кои работат нелегално масовно ја празнат внатрешноста на објектите за да нема доказ дека некогаш работеле како угостителски објекти од ваков вид или пак допрва отвораат спореден излез за да го испочитуваат барањата за противпожарна заштита. Од Владата уверуваат дека сите ќе бидат проверени. Засега не можат да дадат информации зошто Пазарниот инспекторат не извршил контроли во дискотеката „Пулс“ во Кочани во времето кога имала лиценца, согласно годишните планови за работа.

Реклама

Во Скопје легално работат само два клуба. Сите останати што се отворени по полноќ, односно 1 часот, функционираат на диво. Сега, министерот Тошковски вели дека и во Скопје била издадена фалсификат лиценца, исто како онаа на дискотеката „Пулс“.

„Денеска дознав дека кабарето во Кочани не е единственото кое работело со фалсификувана лиценца. Постојат и други клубови низ Македонија кои се потпирале на нелегални лиценци“ – рече Тошковски.

Од Министерството за внатрешни работи, информираат дека бил приведен сопственик на ноќен клуб од Куманово поради пронајдени пиротехнички средства, а објектот останува затворен до отстранување на неправилностите. 

„Полициски службеници од СВР Куманово го затекнале Т.В.(58) од Куманово, сопственик на кабаре од Куманово, како од неговото паркирано возило пред кабарето изнесува противпожарни апарати и ги внесува во клубот. Веднаш потоа, полициски службеници од СВР Куманово извршиле контрола во објектот и биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. Лицето било лишено од слобода и во полициска станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на неправилностите“ – МВР.

Во Регистарот на Министерството за економија за издадени лиценци за кабаре, ноќен клуб, дискоклуб и дискоклуб на отворено има евидентирано само 23 активни лиценци. Тие имаат важност од една година. Последната  е издадена во февруари годинава. Освен Кочани, во градовите како Прилеп, Тетово, Струга, Радовиш и Гостивар, нема ниту еден легален ноќен клуб. Најмногу лиценци – 5 има во Охрид, во Битола има четири, а во Куманово три.

Од Министерството за економија велат дека во моментов имаат примено барања за одобрување на 5 нови лиценци за работа, но не откриваат детали кога тие барања биле поднесени, дали пред да се случи трагичнииот настан во Кочани или пак сопствениците побрзале тоа да го сторат во последниве 3 дена. Нивното издавање или одбивање може и да се пролонгира ако се знае дека на големо се „чешла“ документацијата во министерството и дел од вработените се под истрага на надлежните органи.