„Илирида“ „Голема Албанија“, „Чемерија“ – нов натпревар, нови националистички провокации. Навивачите на Шкендија за време на натпреварот со Карабах на Националната арена не ги испочитуваа апелите за фер и спортско однесување.
На извиците од навивачката група „Балисти“ се придружи и голем дел од публиката.
На трибините беа и партиски и државни функционери – меѓу кои и опозицисите лидери Ахмети и Таравари, собранискиот спикер Гаши и вицепремиерот Меџити.

Oд нив се уште нема реакција, но затоа има од полицијата и обвинителството кои веќе преземаат мерки по синоќешните изливи на национализам.
Полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања и друг начин на ширење на говор на омраза. Само за спортското навивање има место на трибините. СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител. Имено, доставено е писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, велат од МВР.
Со осуда излезе и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Пораки… кои ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвикаат и злосторства од омраза. Дополнително загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката и тоа во присуство на високи државни функционери, реагираат од Хелсиншкиот комитет.
Шкендија го загуби натпреварот со 0:1, но вистинскиот пораз синоќа го претрпе спортот. Ова не е изолиран случај. Навивачите на Шкендија и претходно испраќаа политички и воено обоени пораки – свирежи и скандирања за УЧК за време на едноминутен молк за жртвите во трагедијата во Кочани.
Овој инцидент доаѓа по случувањата во Куманово, кога на кошаркарсиот натпревар меѓу Македонија и Романија се слушнаа националистички скандирања. Тогаш со осуда излезе целиот државно – политички врв, а Обвинителството отвори истрага и повика неколкумина на информативен разговор.

