Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска ќе оствари поединечни средби со министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, како и со министерката за Европа, Клаудија Бауер.
Овие средби, како што информираат од МРиНТ, Муцунски ќе ги оствари како дел од делегацијата предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, која престојува во работна посета на Виена.
На средбите, како што најавуваат од Министерството, се очекува да се направи осврт на евроинтеграцискиот пат на државата, постигнатиот напредок, како и да се разгледаат можностите за натамошно продлабочување на билатералните односи и македонско-австриската соработка.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува и на бизнис форум со претставници на стопанските здруженија на двете држави, на кој се очекува да се реафирмира одличната економска соработка и ќе се презентираат можности за нови инвестиции и продлабочување на соработката меѓу македонските и австриските компании.
