Судбината на Љупчо Коцевски може да биде пред Владата уште во вторник. Доколку Министерството за правда го подготви конечниот предлог за негово разрешување наредниве денови, нема никакви пречки тоа да биде точка на дневен ред на следната владина седница, кажа вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Ова доаѓа откако Коцевски не ја послуша пораката на премиерот Христијан Мицкоски, сам да си поднесе оставка со цел да ја скрати процедурата за негова промена.
-(Во однос на државниот обвинител, од правда веќе кажаа дела забрзано се работи на решението, нели предлогот за разрешување, дали доколку биде готов до следната владина седница во вторник, тоа веднаш ќе биде ставено на дневен ред?) Па ако се е, мислам процедурата е целосно исполнета, да, изјави Меџити.
Прашање на време е уште колку Коцевски ќе биде на својата позиција, а за името за негов наследник не се разговарало во владината коалиција. Единствено што се согласни е дека треба да биде професионалец, кој ќе ја врати довербата во правудството, што е и повеќе од катастрофална.

-Не збориме за име, збориме дека треба да биде професионалец, посветен кој што ќе придонесе да се врати довербата на граѓаните во судството и Обвинителството, изјави Меџити.
Според многумина Обвинителството работи под политички диктат од претходната власт. Иако во јавноста се појавија информации дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети знае точно каде е Артан Груби и е во секојдневна комуникација со него, тој се уште не е повикан пред обвинителите да каже што точно знае. Меџити вели не е негова работа да кажува како да постапи Обвинителството, но порача дека интегративците се уште се под влијание на поранешниот прв вицепремиер, сега осомничен за криминал од осум милиони евра во Лотарија.
-Јас ги познавам од внатре и гледам како функционираат и гледам дека се уште се под негово влијание. Прашајте го господинот Ахмети, он точно знае каде, така изјави јавно, изјави Меџити.
Инаку, од Министерството за правда соопштија дека засилено работет на подготовка на аргументите за разрешување на Коцевски. Причините се нарушен углед и функционалност на Јавното обвинителство, низа скандали, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите.
Предлогот кога ќе помине на владина седница во најбрз можен рок ќе биде испратен до Советот на јавни обвинители, кои потоа имаат рок од 15 дена да се произнесат. Ако во тој рок обвинителскиот совет, поради оправдани причини не го достави мислењето до Владата, имаат време уште 15 дена да кажат дали републичкиот обвинител сторил тешка дисциплинска постапка. Ако воопшто не одговорат на предлогот на Илинденска, процесот за разрешување на Коцевски продолжува во Собранието, каде извесно е дека пратениците ќе го разрешат.
Матеја Петровски
