Реклама
Македонија

Модуларната нема да остане на кабелот, а Ласкарци само на шоферот: Мицкоски најави отворање на случаите

Беса транс, Ласкарци, Модуларната, тргнавме, сега нема запирање – дивата дискотека во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Беса транс, Ласкарци, Модуларната, тргнавме, сега нема запирање – дивата дискотека во Кочани го поплочи патот за повторно отварање на овие три случаи во кои загинаа 75 луѓе. Пресудите, со кои практично како единстевни виновници беа пронајдени во еден продолжен кабел или само за возачот, кои ја револтираа јавноста, не се доволни ниту за премиерот Мицкоски. Тој најави дека е во тек до каде се овие случаи, и дека ќе бара проширување на истрагите за да се откријат сите детали за тоа што точно се случувало и дека ништо нема да остане нечепнато.

„И очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој дал тој испитен центар да функционира така што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго, кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат„ вели Мицкоски.

Корупцијата и трулоста на системот убива, а случајот со Кочани ја прели чашата. Само во последниве шест години, и само во овие четири случаи загинаа 134 луѓе. Сегашната загуба од 59 животи, од кои повеќето млади луѓе како прескапо платена лекција ја отвора пандорината кутија за тоа колку корупцијата го јаде општеството, но и го зголемува се повеќе жедта за правда.

Реклама

„За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајца“, рече Мицкоски.

Во септември, 2021 година, во пожар во модуларната болница во Тетово, животот го изгубија 14 луѓе, а десетици беа повредени. Беа обвинети двајцата директори на болницата и еден доктор. Две години по несреќата, директорите добија условни казни, а докторот беше ослободен од вина. Како причина за несреќата беше посочена искра од продолжен кабел, но никогаш не се отвори истрага на повисоко ниво, како што сега се случува со истрагата за дискотеката.

Само два месеци подоцна, во Бугарија се запали автобус на превозник од Македонија – Беса Транс– загинаа 45 патници. Автобусот немаше лиценца за меѓународен превоз. Скопскиот кривичен суд во март минатата година го осуди сопственикот на Беса Транс Беким Хаџиу на 1 година и 8 месеци затвор за фалсификување исправа. Скопска апелација во декември ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење. И во овој случај не се бараше одговорност повисоко на скалилото.

Во 2019 година, на патот Скопје-Тетово, автобус на Дурмо Турс падна во провалија во близина на Ласкарци – загинаа 16 патници.

Сопственикот на Дурмо турс си имал сопствен технички преглед на кој си ги поминувал автобусите. Возачот возел пребрзо, а кочниците не биле исправни. Пет години по несреќата, на почетокот на минатата година, шестмина беа осудени на вкупна казна од 39 години затвор. Фирмата „Дурмо Турс“ по автобуската несреќа продолжи да сообраќа на трасата Скопје – Гостивар. И тука се заври на одговорноста на пониските ешалони.