Министерството за јавна администрација го почнува новиот циклус на генерички обуки за административните службеници за 2026 година со јасна цел – знаењето и професионалниот развој да се претворат во поквалитетна, побрза и подостапна услуга за граѓаните. По обуките реализирани во Скопскиот, Полошкиот, Источниот и Пелагонискиот Регион, циклусот продолжува во Југоисточниот Регион, со што досега преку програмата поминале повеќе од 1.000 административни службеници.
– Јавната администрација не е трошок. Таа е инвестиција во државата. Инвестиција во знаење. Инвестиција во доверба. Инвестиција во подобри услуги за граѓаните – порачал министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешното отворање на обуките во Струмица.

Преку денешната програма, како што информираат од Министерството, административните службеници стекнуваат знаења и практични вештини во три области од особено значење за нивната секојдневна работа – менторство, комуникациски вештини, како и еднаквост и недискриминација. Како што посочуваат, целта е обуките да не останат само во училницата, туку стекнатото знаење да се примени во институциите и директно да придонесе за подобар однос и подобра услуга кон граѓаните.
Од Министерството посочуваат дека овој процес е дел од пошироката реформа на системот за професионален развој на административните службеници. Со Законот за стручното усовршување и обуката, како што се наведува во соопштението, е поставена основата за систем во кој учењето и развојот ќе бидат континуиран дел од кариерата, а во 2027 година се очекува да почне со работа Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници.
– Граѓанинот ја чувствува државата тогаш кога службеникот постапува професионално, одговорно и со почит. Затоа обуките ги гледаме како инвестиција во знаењето, во компетенциите и во квалитетот на јавната услуга – истакнал министерот Минчев.
Министерството најавува дека ќе продолжи да вложува во создавање администрација, која учи, се развива и презема одговорност за резултатите што ги испорачува затоа што, како што посочуваат, зад секој документ, секоја постапка и секоја услуга стои човек, а токму од знаењето, професионалноста и односот на тој човек зависи каква држава ќе почувствува граѓанинот.

