Во Националниот парк „Маврово“ започна поставувањето минерални и витамински блокови наменети за дополнување на исхраната на дивечот во текот на есенските и зимските месеци.

Од управата на паркот информираат дека активностите се спроведуваат во подрачјата на повисоките надморски височини, а ги реализира службата за заштита на природата во рамки на редовните есенски активности.
– Во овој период, ренџерите и вработените во службата за заштита на природата се на терен и поставуваат минерални и витамински „блокови“. Тие се наменети како дополнување на исхраната на дивите животни во текот на есенските и зимските месеци, посочуваат од управата на паркот.

Оваа прихрана е особено корисна за тревопасните животни како дивите кози и срнечкиот дивеч кој овој период има потреба за да ја одржи виталноста, но таа е корисна и за останатите животни.
Паралелно со овие активности се спроведуваат редовните контроли и обиколки на теренот. На тој начин, како што информираат од парковската управа, се врши следење на состојбите и грижата за дивиот свет.

