Реклама
Македонија

Мицкоски за Османи: Ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет

Уставни измени со одложено дејство, заштита на македонскиот идентитет, зачувување на достоинството,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Уставни измени со одложено дејство, заштита на македонскиот идентитет, зачувување на достоинството, фер услови за пристапување. Премиерот Христијан Мицкоски на средбата со високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас уште еднаш ќе ги претстави позициите и црвените линии на владата преку кои не може да се оди ниту чекор.

Мицкоски е дециден дека немаат против да ги стават Хрватите, Црногорците, Словенците или која било друга етничка заедница во Уставот, но има проблем кога некој го негира македонскиот идентитет и јазик, алудирајќи на Бугарија, која преку уцени и ултиматуми сака да ги постигне своите цели. Очекува разбирање од Европската Унија, бидејќи како што вели, направивме многу во минатото. Затоа, вклучување на Бугарите во Уставот, може, но само со одложено дејство, за да се заштитиме од подоцнежни блокади.

– Никогаш нема да си дозволам да преговарам за нешто што претставува огромен проблем и фрустрација за македонските граѓани, за албанките граѓани, за турските, за сите кои се дел од Уставот. За жал, еден министер во минатото преговараше за мојот идентитет и направи грешка. И ако мисли дека тоа ќе го заборавиме, се лаже. Ние ќе бараме начин, ќе градиме доверба и ќе го решиме ова. Дали оваа генерација или некоја следна, тоа ќе го реши. Ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет и на македонскиот народ. Со непочитување – рече премиерот Мицкоски, алидирајќи на ексминистерот Бујар Османи.

Реклама

– Тој проблем, што тој човек го направи, денеска нас нè доведе во ваква ситуација, од шампиони во регионот, би рекол и во Европа, да не можеме да ги почнеме сè уште преговорите за членство со ЕУ. Убеден сум дека ќе се најдат решенија, ЕУ ќе најде механизми. И Македонија ќе го добие своето место на таа маса, бидејќи одамна заслуживме. Почнавме пред две и пол децении, кога многу други земји само сонуваа за тоа. И многу пати покажавме дека како држава и како граѓани сме проевропски и така ќе продолжиме да се однесуваме – додаде Мицкоски.

Но, не се само уставните измени она што треба да го направи Македонија ако сака да оди напред кон Европската Унија. Реформите и домашните задачи мора да се исполнат, и тоа го потврдуваат сите европски дипломати и лидери. Токму поради тоа, реформската агенда мора да се спроведува во целост.

Мицкоски е уверен дека промените кои се случуваат во Македонија, одат во позитивна насока и со посветена работа може да се испорачаат реформите кои Европската Унија ги бара. Она што имаме целосна усогласеност со надворешната и безбедносна политика со ЕУ, до толку повеќе отвора можности за приближување и интегрирање уште пред официјално да започнат преговорите.

– Реализираме, а бројките говорат. Јас сум задоволен од досега сработеното. Се разбира, секогаш моѓе повеќе, но, имајќи предвид во каква состојба беше државата пред една година, можам да кажам дека со многу труд, со вонсериско залагање на членовите на Владата, ние доаѓаме до ситуација да го испорачуваме она што е потребно и така ќе продолиме. Ќе им испорачуваме на сите граѓани, без разлика на кој етниким, партија или конфесија припаѓаат. Нашата заедничка цел е оваа наша заедничка татковина да се развива и да оди напред – порача премиерот Христијан Мицкоски.

Пораките од владините претставници до ЕУ секогаш се во насока на тоа, Европа да се држи до своите принципи и вредности и евроинтегративниот процес да се заснова на заслуги, постигнувања, реформи, копенхашки критериуми…. Од Блокот постојано слушаме дека ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, но власта очекува поголема поддршка за надминување на предизвиците, посебно околу спорот со Бугарија.