Реклама
Македонија

Мицкоски: во преговори сме со инвеститори за проекти вредни 5 до 6 милијарди евра

Владата преговара за инвестиции во вредност од 5 до 6 милијарди евра…

Сподели:

Владата преговара за инвестиции во вредност од 5 до 6 милијарди евра за капитални проекти во локални, регионални и експресни патишта, во здравството за изградба на клинички центри и болници, како и во пруги и во ски центри, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој вели дека по финиширање на преговорите ќе има состанок со Стопанските комори околу капацитетот проектите да се реализираат. Во следните два месеци ќе биде и официјално објавено со кој се преговарало и кој ќе инвестира. Мицкоски ја потенцира важноста на овие инвестиции кои изнесуваат од 35 до 40 проценти од македонскиот БДП. Помеѓу половина милијарда и една милијарда се средства кои што ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионални и експресни патишта.

„Дел од нив ќе бидат модернизирани односно реконструирани, дел ќе бидат изградени, затоа велам помеѓу половина милијарда и милијарда. Се преговараат условите итн. И тоа нема да биде нов долг, бидејќи ќе расте БДП, бидејќи во градежништвото парите три пати се вртат најмалку, и нема да биде нов долг, односно номинално ние може да го намалиме долгот“, додаде тој.

Реклама

Дел од проектите се оние во здравствениот сектор: Клиничкиот центар Штип, болницата во Кичево и реконструкција на Клиничката болница Тетово. Инвестицијата, пак во брзата пруга долж Коридорот 10 кадешто возовите треба да се движат со 160 километри на час ќе чини 2,5 милијарди евра.

Премиерот Мицкоски истакна дека по основ на овие проекти ќе се зголеми БДП, а ќе се намали јавниот долг, бидејќи се работи за капитални инвестиции кои ќе ја покренат градежната оператива и за три до четири пати ќе има обрт на финансиите.