По Водици ќе се знае како би изгледала техничката влада која треба да ги споведе изборите во мај. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Прес 24 вели дека по Богојавление тие како партија ќе ги соопштат имињата на нивните министри и заменици министри во владата. Токму за техничката влада Мицкоски посочува дека ВМРО-ДПМНЕ има голем број на кадри кои можат да одговорат на позициите кои се бараат. А што се однесува до перформансите на техничката влада, според Мицкоски, досега се покажале како слаби, полни со препирки и загубено време за државата, затоа и тие како партија предлагале да се укине форматот – техничка влада. Дали откако ќе дојдат на власт таа ќе замине во историјата и дали се плашат од ДУИ Мицкоски вели:
ДУИ никако не ме плаши, ДУИ мора да оди во опозиција. Замислете оваа партија е над дваесет години дел од власта. Таа е дел од сите подеми и падови. Нереформирана збирштана од луѓе кои се прикажуваат за заштитиници на кауза, а впрочем се крадци кои се занимаваат со тендери и провизии. Е сега поради слабоста на СДСМ тие од техничката влада направија мегдан за пазарење и избоксуваа технички премиер. Е токму поради тоа се боревме и предлагавме укинување на техничката влада.
Во период кога рејтингот на СДСМ е можеби и најнизок досега, се чека дали Ковачевски во обид за спас за некој глас повеќе би одел на заеднички листи со Ахмети и дали главниот интегративец би ја прифатил улогата за да биde сламката за спас на СДСМ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски прашан за овие случувања вели дека било жално да се гледа на какви ниски гранки паднале социјал-демократите.

Си ја руинираа партијата поради недоследните политики. Уште пожално е како ги молат од ДУИ да коалицираат со СДСМ само да го ублажат својот пораз. Практично се сведоа на тоа ДУИ да е спасителот на СДСМ и се крстат во нив. ДУИ во носењето на оваа одлука треба да мисли на својата иднина и ако се доследни тогаш треба да се стави крај на непринципиелните коалиции. Што се однесува називот европски фронт, би рекол дека најголеми непријатели на европската идеја се токму СДСМ и ДУИ, вели Мицкоски.
Додека се чека на одговор од Ахмети за дали предизборно ќе коалицира со Ковачевски, се чекaат одговори и за финализирање на техничката влада, но се чека и на средбата која ја најавуваше Ковачевски со Мицкоски за по празниците, за како што рече премиерот да се испеглале техникалии за пржинската Влада. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вели немало никаква средба, особено тајна.
Сметам дека нема потреба да се среќаваме на никакви тајни средби. Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување. Јас го разбирам него. Сака да имаме средба, потоа тој кај него во партија да им раскажува работи кои не се случиле, да им создава лажна надеж и на тој начин да создава привид за некакво единство, за да ја доддржи партијата во која има евидентно незадоволство по повеќе основи. Тоа се нивни работи, но јас знам дека кога и да имаме средба за тоа ќе биде известена јавноста, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски во интервјуто зборуваше и за како тие како партија би го подобриле здравството преку инвестирање меѓудругото во човечки кадри, како би ја подобриле живеачката и економијата, преку линеарно покакување на пензиите по 5000 денари до интервенирање во данокот на добивка за компаниите без разлика домашни или странски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека Македонија била на опашката по економскиот раст во регионот, нешто што тие ќе го променат.
