Патувањето од една до друга општина за рутински лекарски преглед ќе стане минато за жителите на општина Илинден. По половина век овој дел од Скопје добива нов здравствен дом со 14 ординации. Во амбулантата ќе се врши имунизација, ќе има, општи лекари, патронажни сестри, а се очекува да има и гинеколози и интернисти. Премиерот Мицкоски вели дека ова е само еден мал дел од системската трансформација на општините со проектите кои се поддржани од владата.
Градиме темели на промените, затоа што тоа го ветивме и тоа го реализираме. Денеска овде во Илинден отвораме нешто што е повеќе од амбуланта – отвораме врата кон една поодговорна, похумана и поблиска држава кон граѓанинот. Ова е само почеток. Ќе продолжиме со реновирања, со вложувања, со нови објекти, нова опрема, со повеќе мотивација за здравствените работници, но и со повеќе грижа за секој човек во Македонија – истакна Мицкоски.
Изградбата на новиот здравствен дом во Илинден е резултат на заеднички ангажман на локалната самоуправа и централната власт, со јасна цел – подобрување на здравствените услуги за граѓаните, порачаа министерот за зздравство Азир Алиу и градоначалникот на Илинден Александар Георгиевски.

После половина век, Илинден добива нова здравствена установа. Симболично, но и суштински, ја потврдуваме нашата безвременска заложба и грижата за жителите на Илинден, како и стремежот кон подобар живот. Овој здравствен дом е исполнување на конкретно ветување и дел од стратешкиот план креиран преку соработка со граѓаните. Можеби изградбата на здравствени установи не е во директна надлежност на локалните самоуправи, но ние најдовме начин и со многу вложен труд и енергија конечно успеавме да го реализираме овој проект.Овде граѓаните ќе можат да добијат квалитетна, навремена и ефикасна здравствена услуга. Дополнително, ќе се отворат и нови работни места.
Мораме да се потпреме на три главни столба: инфраструктура, организација и човечки потенцијал. Денес го одбележуваме денот кога здравствениот систем станува подостапен за нашите граѓани. истакна министерот.
Според власта, проектот е доказ дека кога институциите соработуваат и се водат од интересот на граѓаните, резултатите се реални и долгорочни. Отворањето на оваа установа е дел од пошироката стратегија за зајакнување на примарната здравствена заштита низ целата земја.
Со парите од Владата општините градат и нови градинки, училишта, спортски сали, инфраструктурни проекти. Според градоначалниците, ова е показател за партнерскиот однос на владата кон општините и генерално кон граѓаните, а вакво освежување е потребно поради ограничениот буџет кој го имаат општините.
