Владата во финални преговори за големи странски инвестиции. Премиерот Христијан Мицкоски засега не открива од која држава ќе пристигнат вложувањата, затоа што сака прво да заврши целосно процесот. Само информираше дека договорот ќе финишира во април или мај. Се работи за меѓувладин договор со европска држава, при што се преговара за нови инвестиции во инфраструктурата и здравствениот сектор. Мицкоски напомена дека не се работи за мали вложувања, туку се преговара за сума од над милијарда евра.
„Очекувам, добри вести за македонските граѓани, во текот на месец април и мај. Очекувам, многу добри вести на еден би рекол меѓувладин договор којшто би го потпишале, со многу моќна европска земја. Којшто ќе се мери во милијарди. Не во милиони, во милијарди, за проекти коишто се во инфраструктурата и во здравството, сега засега но, може тоа портфолио, и да биде зголемено. Но, очекувам ваков меѓувладин договор, ќе повторам со многу моќна европска земја, кој што ќе значи повеќе од 10% од бруто-домашниот производ“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Минатата година беше најуспешна во привлекувањето на странски инвестиции. 2024-та заврши со рекордно ниво на вложувања од други држави кои надминаа милијарда и 250 милиони евра. Само во октомври, ноември и декември вкупните директни инвестиции забележаа нето приливи од речиси 400 милиони евра. Власите очекуваат ова да го зголеми бројот на вработувања во Македонија и да го покрене реалниот пораст на економијата. Само во втората половина од 2024-та Владата договори 8 инвестиции кои треба да вработат 2.800 луѓе, а според податоците од ТИРЗ, бројот на вработени во зоните лани надминал 18 100 луѓе.

Владата уште на стартот на мандатот ја промовираше инвестицијата на Алказар Енерџи во вредност од 500 милиони евра, која ќе изгради ветерен парк помеѓу општините Карбинци, Штип и Радовиш. Лани беше договорена и инвестицијата на „Епсотех“ кои ќе градат истражувачки центар во вредност од 20 милиони евра и ќе вработат 110 луѓе. Германската компанија „BMZ Group“ започна со изградба на фабрика за производство на батерии во капацитет кој чини 65 милиони евра. Се потпишаа и два договори за инвестициите на „Брејнчајлд“. Германската „Костал“ отвора нов погон од 50 милиони евра и нови 250 вработувања. „АД БАУ Интернационал“ ќе вложи 7 милиони евра. Во зоната во Кичево пак фирмата „Avesta“ ќе вложи 40 милиони евра и ќе вработи 600 луѓе. Американскиот Вабтек ќе ја прошири постоечката инвестиција. За инвестиција до милијарда евра се преговара и со турската Казанџи Холдинг за изградба на когенеративни централи и секундарна гасна и топловодна мрежа.
