И во наредните две недели граѓаните ќе точат горива по најниски цени во регионот, откако Владата ги продолжи мерките за намалени акцизи и повластено ДДВ за бензините. Премиерот Мицкоски вели дека и покрај светската енергетска криза, државата успева да го ублажи ценовниот удар и да обезбеди поевтино гориво за граѓаните.
„Покрај сите ризици и покрај сите предизвици со кои се соочува светот, ние во овие речиси три месеци од, би рекол, најголемата енергетска криза која се има случено, не според моето кажување, туку и според кажувањето на претседателот на Светската енергетска заедница, како држава не само што успеваме да обезбедиме најниска цена за горивата, туку и практично да им ја понудиме на соседните земји, бидејќи голем дел од нивните граѓани од север, запад и југ доаѓаат кај нас да точат гориво“, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Мицкоски уверува дека економијата останува стабилна, а растот продолжува. Владата очекува БДП да се задржи на ниво од 3,5%. Премиерот нагласи дека овој реален раст на економијата се одржува веќе неколку квартали по ред и служи како доказ за позитивната бизнис-клима во државата.

„Со консолидирање на европскиот пазар, кој е нашиот најголем трговски партнер, бидејќи повеќе од две третини од нашата размена е со ЕУ, очекувам да се засили овој раст, а зошто да не дојдеме до оние посакувани 4 до 5, па и 6 проценти раст на БДП“, изјави премиерот.
Владата го подготвува и ребалансот на Буџетот – фокусот и овој пат останува на заштита на животниот стандард, инвестициите и стабилноста на економијата, вели Мицкоски.
„Имајќи предвид каква е состојбата во другите држави, кај нас ударот не е толку голем ниту врз самиот Буџет, но генерално ќе гледаме да направиме едно оптимално решение со кое ќе имаме доволно и за капитални инвестиции. Досега има околу 230 милиони евра капитални инвестиции. Околу 14 милијарди денари се веќе инвестирани како капитални инвестиции од централниот Буџет“, вели премиерот Мицкоски.
Според податоците, јавниот долг изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7% од БДП и е намален за 1,5 процентни поени. Според Владата, ова укажува дека економијата расте побрзо од задолжувањето.
