8 Септември не е само симболичен датум, туку момент на историска пресвртница за македонскиот народ, време кога се крена јарболот на независноста, кога еден столетен, пркосен оган од многу борби, откажувања, човечки страдања, херојства, битки и порази, стана реалност. Гласот на 8 Септември значеше заокружување на независноста, но тој е и гласот на Илинденците, гласот на Асномците, гласот на хероите од Кресна и Разловци, на преродбениците, востаниците, крикот на борците од Крушево, ракописот на Пулевски, Мисирков, борбата на Миладиновци- на сите оние кои со својот слободарски дух, својата визија и енергија за својата татковина даваа сè, а за возврат не бараа ништо, порача премиерот Христијан Мицкоски на церемонијата за одбележувањето на Денот на Републиката.
- „8 Септември не е само датум и никако не е случајност, туку континуитет на жедта на еден од помалите народи во Европа и последица на многу битки на тој народ. Мора да се одаде почит и на мудроста со која располагаше таа генерација политичари, македонски политичари од различни политички партии и различни етнички заедници кои учествуваа во прогласувањето на независноста. Јас како претседател на Владата и секој нареден ја има обврската да се поклони пред оние кои зборуваа за независноста, но и оние кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава, кои ги полнеа улиците и го распламтуваа огнот за Македонија во услови и време кога имаше и такви што говореа за федерации, за химни на Југославија, тогаш кога на секому му беше јасно дека таа држава се распаѓа “ рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на церемонијата за Денот на Републиката.
Премиерот во говорот посочи дека Владата е посветена за подобрување на животниот стандард, а како што посочи макроекономските показатели покажуваат дека економијата се буди и Македонија има тренд на раст.
- „Наредната година ќе биде година на економски успеси и реално подобар животен стандард. Денес пред нас стојат големи предизвици, но и големи можности. Економијата закрепнува, нови инвестиции отвораат работни места, а стандардот на граѓаните постепено се подобрува. Тоа е патот по кој сакаме да одиме- пат на сигурност, стабилност и надеж.
Зашто само со здрава економија можеме да им понудиме на младите перспектива за побогат и достоинствен живот дома. Само со побогати семејства можеме да ја охрабриме секоја мајка и секој татко да се радуваат на нов живот. Визијата е јасна- Македонија како земја каде што секое семејство живее подобро од вчера, и каде што иднината е посветла, постабилна и побогата. Тоа е заедничката цел кон која чекориме и во која веруваме,“ рече Мицкоски.
Злоупотребите со прислушувањето се гордиев јазол кој во идниот период ќе се одмотува и еднаш засекогаш мора да се стави крај на злоупотребата на системот, рече Мицкоски. Истражните органи мора да ја испорачаат правдата за скандалот со незаконското следење бидејќи со ваквите чекори се удира по основите на демократијата оцени премиерот.

- „Не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори.Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има“ рече премиерот.
Власта го чека и предлогот за „црвените линии“ од опозицијата а премиерот е во исчекување што напише во Резолуцијата, партијата која потклекна на сите ултиматуми кои беа поставени пред Македонија.
- „Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели „мора да се прифати се што е на маса, безусловно“. Но ви велам, да бидете сигурни, додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашање. Државата ќе биде сигурна. Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат, но тој пат не смее повеќе да биде срамен. Треба да биде достоинствен, треба да биде пат по којшто ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал денеска сите од нас се чувствуваме“ рече Мицкоски.
Еден од главните приоритети на Владата е наталитетот, кој според премиерот, е прашање на опстанок на државата. Денес мора да донесеме одлука: да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ја вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом – порача Мицкоски во своето обраќање на официјалната церемонија за Денот на независноста во Македонската филхармонија.
