Наутичарите ги поздравија заложбите за уредувањето на градскиот кеј и модернизација на двете пристаништа, каде повеќе од 3 децении камен не е поместен. Согласно проектот кој е во изработка, пристаништата ќе функционираат како марина. Ова е чекор што одамна недостасуваше, велат наутичарите. Конечно ќе се стави крај на долгогодишниот хаос, несоодветната инфраструктура и импровизациите, кои со години ја нарушуваа функционалноста на пристаништата. Луѓето одат на месечина, а ние во 21 век разговараме за основна наутичка инфраструктура.
„Во секој случај да, поздравување е одлуката на Министерството за транспорт и врски за реновирање на пристаништата и за модернизација, значи да ги имаме основните, минималните технички услови за сидрење на пловилата. Значи, подобрување на наутичката инфраструктура, поубаво е било каква, да се почне од некаде, него ово пристаниште и не само ова, и другото пристаниште што го имаме, што е направено во минатиот век“, вели Стефан Ставрески, претседател на едриличарска федерација на Р.М.
Во бродскиот регистар на Капетанијата има 3450 пловни објекти, бројка која варира бидејќи се регистрираат нови пловила, а во изградба се и 3 бродови. Пристаништето кое е старо еден век нема капацитет за сите пловила, а згора на сè огромен проблем беше и точењето на горивото кое завршуваше во езерските води.

„Да, тоа стварно е еден голем проблем и тоа ќе ни реши многу проблеми, да речеме, многу непријатности и нормално ќе се заштити езерото. Затоа што бевме приморани, со канти да носиме досега и да туриваме во објектите. И сите не можеме да застанеме, бидејќи водостојот на езерото на лето паѓа, така што голем проблем е да видиш каде ќе застанеш и некои мораме да одиме дури таму на крајот на езерото за да можеме да застанеме“, вели Зоран Ангелески, капетан.
Министерот за транспорт и врски појасни дека кај малото пристаниште пред хотел Палас, кое сега пропаѓа, а ќе добие целосно нов лик, ќе се усидруваат едрилиците и помалите пловила. Големото пристаниште, кое ќе биде продолжено со уште еден крак, ќе биде резервирано за бродовите. Ќе има соодветни приклучоци за струја и еколошки начин за дотур на горива. За ова се разговарало и во седиштето на УНЕСКО во Париз.
„И можам со задоволство да кажам дека има расположение кај нив заеднички да работиме и да бидат постигнати сите стандарди на УНЕСКО. Со цел од една страна да се задржи статусот и да се унапреди, а од друга страна да имаме модерен кеј и да имаме пристаништа кои што ги опслужуваат потребите на 21-иот век. Приоритет е да се реши ова што го имаме сега, затоа што ја знаете состојбата со каналот, каде што сега се закотвени пловните објекти, која што е далеку од зачувување на било каков еколошки стандард и далеку од зачувување на било што што е поврзано со езерото, заштита на водите“, вели Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
За месец и пол ќе биде готов проектот кој ќе биде испратен на увид во УНЕСКО. Градскиот кеј ќе добие нов лик и нов туристички импулс.
