Македонското друштво „Илинден“ – Тирана го поздрави воведувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан и соопшти дека очекува системот наскоро да се воведе и на другите гранични премини меѓу Македонија и Албанија.
Од Друштвото ги посочуваат премините Горица – Стење во Преспа и Требиште – Џепиште во Голо Брдо, каде што, според нив, системот би го олеснил и забрзал преминувањето на границата, особено за жителите на пограничните подрачја.
– Очекуваме системот „One Stop Shop“ во најскоро време да биде воведен и на другите гранични премини меѓу Македонија и Албанија, особено на граничниот премин Горица – Стење – Преспа и на граничниот премин Требиште – Џепиште – Голо Брдо, со цел да се овозможи побрзо, поефикасно и полесно преминување на границата за сите граѓани, а особено за жителите од пограничните региони – стои во соопштението.
Според Друштвото, ваквите иницијативи придонесуваат за подобра прекугранична соработка и за зацврстување на врските меѓу двете земји.

