Распадот на југословенскиот пазар е клучната причина за затворањето на текстилниот гигант „Македонка“. Според истражувањата на проф. д-р Андон Мајхошев во неговата книга „Македонка од раѓање до пропаѓање“, за нејзино спасување биле потребни околу 20 милиони германски марки, средства со кои би можела да опстане на пазарот. Овој текстилен комбинат имал огромно значење врз економскиот и урбанистичкиот развој на градот. Вработените имале повисока плата од просечната, а фабриката претставувала значајна кадровска база.
„Македонка била локомотива на локалниот економски развој. Таа била своевиден универзитет. Таа ги имала сите потребни служби како што ги има една држава. Така што Македонка има огромно значење врз вкупниот општествено-економски развој и политика на општината и републиката“, вели проф. д-р Андон Мајхошев, УГД-Штип.
Затворањето на „Македонка“ остави сериозни последици врз општествениот живот и развојот на Штип. Околу 2.400 работници останаа без работа, што за градот претставуваше силен економски удар и практично го крахираше градот, објаснува Мајхошев.

„Во еден период во Штип, кога се ликвидираше Македонка и Астибо, бројот на вработените и невработените се изедначи. Имаше 12.500 невработени, а 12.000 вработени. Тоа беше некаде во 2002 година“, изјави проф. д-р Андон Мајхошев, УГД-Штип.
По завршувањето на промоцијата беше отворена и изложба на фотографии од ТК „Македонка“, која го прикажува историскиот развој на работниот колектив.
