Според најновите податоци што ги објави Министерството за култура и туризам, земјава во првите пет месеци од годинава, забележала значителен пораст на бројот на странски туристи од 24 % во однос на истиот период лани, но и зголемување од 19 отсто на ноќевањата. Франција, Германија и Велика Британија – овие земји сѐ почесто ја вклучуваат Македонија во своите туристички понуди. Франција е вистинско изненадување со скок од речиси 400 проценти во бројот на туристи и над 300 проценти повеќе ноќевања.
ТЕЛОП МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ
Во првите пет месеци од 2025 година, туристичкиот промет во Македонија бележи значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година. Посебно се издвојува Германија со раст од 219 проценти во бројот на туристи и 146 проценти во ноќевања, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на нашата земја. Франција бележи највисок пораст со 398 проценти повеќе туристи и 303 проценти повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел на туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 отсто во бројот на туристи и 139 отсто во ноќевањата, информираа од Министерството за култура и туризам.
Турција, која и натаму ја држи водечката позиција според вкупниот број туристи, бележи стабилен раст од 11 отсто. И не само за вообичаената летна сезона. Македонија на туристичката мапа високо котира и во текот на целата година, а тоа е така поради развојот на за културниот туризам.
Македонија бележи растечки интерес кај странските посетители за културен туризам во месеците надвор од традиционалната сезона, што значително придонесува за анулирање на сезонскиот туризам, зголемување на вкупните туристички приходи и засилување на локалната економија. Овој тренд е од исклучително значење затоа што создава континуирана туристичка активност низ целата година, ги ангажира локалните заедници, занаетчии, водичи и угостители, и овозможува рамномерен економски развој и надвор од туристичките центри, информираа од Министерството за култура и туризам.
Министерството најави дека ќе ги искористи добиените податоци за понатамошно таргетирање на новите пазари преку јакнење на промоцијата, подобрување на авионските врски и конкретна поддршка за туристичките оператори.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека според Обединетите нации Македонија е осма дестинација за туризам во светот според растот на бројот на туристи од 22% повеќе споредбено со минатата година.
