Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, очекува дека денеска ќе има повторно намалување на цената на безоловните горива и на дизелот, а како Влада постојано ги следат берзите и токму врз основа на анализите го очекува и денешното намалување. Премиерот Мицкоски истакна дека како држава остануваме со најниски цени кога станува збор за дизел-горивото и безоловниот бензин.
– Кај нас горивото е поевтино од 25 до 50 центи за литар отколку во соседството. Нормално, тоа си има своја цена. Цената е 7-8 милијарди денари и затоа, за да се балансираат сите овие работи, ние ќе правиме ребаланс. Очекувам во текот на овој месец да биде завршена процедурата – изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски порача дека за Владата прв приоритет останува да биде стандардот на граѓаните и, како што рече, „во овие тешки услови во светот, кога насекаде имаме жаришта, конфликти, војни од епски размери, се трудиме колку-толку да ја одржиме стабилноста на цените и да го одржиме она што што претставува дух на инвестиции, да продолжиме да се развиваме во периодот што следува“.
Прашан за ребалансот на буџетот, во кои области се очекува да се крати, Мицкоски со одговор дека се намалуваат и расходите и приходите.
– Бидејќи кај приходната страна имаме помалку 7-8 милијарди денари, тоа е резултат на намалената цена на акцизите, односно намалените приходи од акцизите и намалените приходи од намаленото ДДВ, но ќе повторам, за нас приоритет е стандардот на граѓаните. Остануваме држава со најниска цена на дизел-горивото и на безоловниот бензин, од 25 до 50 центи за литар сме поевтини од сите во регионот. Така што, тоа е наша цел, ќе се крати и на расходите и на приходите и мислам дека тоа нема да се почувствува во делот на економијата – рече Мицкоски по пуштањето во употреба детска градинка во општина Теарце.

