Македонските потрошувачи сакаат да купуваат домашно. Алфа ТВ излезе на терен и ги праша граѓаните на кои производи преферираат да ги трошат своите пари, овде игра улога квалитет а секако и цената но се чини дека најважна е поддршката на домашната економија.
„Најмногу заради квалитетот. И тоа оние коишто знам дека се добри, посебно храна.“
„Да. На некој начин да ја поттикнам македонската економија. Барем малку… малку од малку. Дури еве сега, кога бев во Хрватска на одмор и таму некои производи ако ги видев, ако се од македонско производство, ако ми требаа ги купував.“

За една држава како Македонија, домашното производство е од особено значење бидејќи нашите продукти се уникатни. Никаде нема домат како македонскиот. Но, за жал, во последните години се покажува тренд на прекумерен увоз на странски производи кои честопати се од непроверено потекло а работите се поставени така што е поевтино еден продукт да премине океан за да стигне до нас отколку тоа да биде произведено тука.
„Мед такви работи. Купуваме купуваме, обавезно… што ќе ни се допадне тоа ама повеќе гледаме македонски производи да купуваме.“
„Купувам да. Па поради квалитетот поради цените, поздрави се.“
„Купувам, нормално да. Затоа што се домашни.“
Претходно владата со кампањата „македонско најдобро“ направи напори за да ја подигнат свеста кај македонските потрошувачи дека со купувањето домашни производи помагаме директно на произведувачот, а во тој случај земјоделецот. Лани, за прв пат е основана и платформа која овозможува поврзување производители, преработувачи и потрошувачи за да се олесни пристапот до домашните земјоделски производи. Исто така во првиот квартал оваа година извозот бележи побрз раст од увозот односно 8%.

