Величествениот објект – Куќата на Робевци, кој плени со својата убавина како жив споменик на минатото на градот, блесна во полн сјај. За да ја спаси од пропаѓање, управата на Завод и музеј спроведе обемни зафати за нејзина санација и реставрација.
Недоволната грижа и запоставувањето на еден од најзначајните и најпрепознатливи објекти од старата градска архитектура ја довеле Куќата на Робевци во исклучително лоша состојба.
Објектот, во кој се наоѓа и „Златната соба“ – со околу 500 златни предмети постари од 25 века, потоа златната маска, како и сите други највредни археолошки предмети – постојано биле изложени на влага. И не само тоа, при врнежи не само што прокиснувало, туку водата влегувала внатре во спомен-куќата.

„Да, долги години не беше ништо инвестирано, веројатно тоа е последица од падот на карпата кој се случи пред многу години. Дојде до некакви оштетувања на подземните инсталации и нон-стоп се соочувавме со појава на влага во приземните простории. Сето тоа поради големите оштетувања на јужната фасада на Робевци и капиларната влага, дури и директно навлегување на вода при јужни врнежи и оштетување на самиот објект, меѓутоа и на артефактите внатре, кои беа во опасност да се оштетат“ – вели Горан Патчев, директор на „Завод и музеј“ Охрид.
Се интервенирало на фасадата, дограмата, кровната конструкција, водоводната мрежа и електричната инсталација. Станува збор за еден од најголемите проекти, за кој досега се издвоени три милиони денари. Особено внимание се обрна на безбедноста на објектот, поради непроценливата вредност на експонатите. За 5 дена откако повторно е отворена, Куќата на Робевци ја посетиле над 200 гости.
„Мислам дека е добро зачувано, ова е уникатно. Јас сум родена на море, но вакво нешто нема. Не сум видела толку значајно културно наследство сочувано и презентирано во вака значаен објект. Дрвенаријата – тоа е она што ме интересира. Слушнав дека тука има репрезентативна одаја во дрворез. Она што го видов е зачудувачки убаво“ – велат посетителите.
Во објектот е вграден и нов алармен систем, како и нов видеонадзор – особено на Златната соба, која ни е од големо значење за градот и Републиката, каде што се чува златото на Лихнитида.
Според зборовите на Патчев, овој објект не е соодветен за презентирање археолошки експонати. Поради тоа, се очекува градот што поскоро да добие археолошки музеј, каде ќе бидат изложени големиот број предмети кои се наоѓаат во депоата – далеку од очите на јавноста.
