Купишта скандали, договори во четири очи, промена на името на државата, прифаќање на уцени од соседите, недостоинствено преговарање, голтање кнедли, понизност на патот на Македонија кон ЕУ, неказнивост на криминалци, афери со давање пасоши на нарко босови, неконзистента политика, изневерени очекувања, корупција… Листата, по што е препознатливо седумгодишното владеење на СДСМ, е долга и широка. Во време кога популарноста на опозициската партија е во слободен пад, наместо да се фокусираат да си го кренат рејтингот во пресрет на локалните избори, одржуваат трибини и ја критикуваат власта што направила или не направила за една година.
Иако и самата влада е свесна дека за една година не може да се поправи сето она што се уништувало седум години и дека секогаш може подобро, можеби е логично што јавноста се прашува „а што направи СДСМ за седум години“? Освен што се однесуваше како помал коалиционен партнер и играше како ДУИ ќе свират, нивната политика на сервилност се гледаше и на меѓународната сцена.
Тоа „љубави“ се покажа и на дело. Се што побара Бугарија, Македонија под палката на Заев, а потоа и на Ковачевски и даде. Договор за добрососедство, француски предлог со кој се согласија на уставни измени, билатерални протоколи со земјата која го негира нашиот идентитет. И многу други отстапки, на тема Бугарија.

За понижувањето да биде уште поголемо, една година по потпишувањето на Договорот за добрососедство, беше потпишан и Преспанскиот договор со кој Македонија стана „Северна“.
Партијата која ги донесе сите овие понижувања за земјава, сега зборува за понижена Македонија.
Сега СДСМ како опозиција, ги критикува и економските политики. Кога дојдоа на власт во 2017 затекнаа долг од 4,7 милијарди евра или 47,7 отсто од Бруто домашниот производ – седум години подоцна, во 2024 година, парите се побрзо се трошеа, а јавниот долг тогаш ја надмина граница од 60 отсто. Дојдоа на власт со сериозни критики за висината на јавниот долг и амбициозни најави за мерки кои ќе ја заштитат државната каса.
За седум години владеење СДСМ не успеа да доврши ниту еден значаен инфраструктурен проект, и покрај рекордното задолжување од 4,1 милијарди евра. Нивното управување со Македонија минатата година го заокружија со неквалитетна патна и железничка инфраструктира, а ветувањата се претворија во промашени рокови, несериозни планови и потрошени милијарди без резултат.
Власта на СДСМ бележеше неуспеси и во борбата против корупцијата, реформи во правосудството, владеење на правото. Од скандалозни именувања на обвинители, блиски до политички партии, до притисоци во Судскиот совет. Сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ често пати реагира дека во судството, избрано во, како што велат, штабовите на криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ, нема правна разрешница за случаите како „Дурмо Турс“, модуларната болница во Тетово, Онкологија.
