Корисниците од Центарот за рехабилитација и реинтеграција „Порака наша“ во соработка со учениците од средното училиште „Наце Буѓони“ денеска пред Велигден организираа празничен базар на кој понудија рачно изработени продукти. Корисниците имаа прилика да ги покажат не само своите изработки туку и своите способности и капацитети за развој на нивните професионални вештини.
Во работилниците на „Порака наша“, корисниците изработуваат персонализирани празнични подароци, свеќи, чаши, шишиња за вода, магнети и приврзоци кои можат да бидат дизајнирани според желбите на нарачателот, со лого, порака или празничен мотив. Овие производи не се само креативни сувенири, туку и симбол на поддршка, солидарност и вклучување.

– Сите кои денеска ги разгледаа продуктите ја поддржуваат работната ангажираност и независноста на лицата со интелектуална попреченост, кои со голема радост учествуваат во процесот на создавање, учејќи нови вештини и стекнувајќи чувство на вредност и припадност, дел од нашата локална заедница-изјави, Јелена Стаменковиќ психолог.

Од „Порака наша“ велат дека секоја поддршка е значајна, особено во празничниот период кога солидарноста и човечноста се највидливи. Преку оваа иницијатива, корисниците не само што создаваат празнични подароци, туку и градат мостови на разбирање, инклузија и достоинство.
